МАКЕДОНИЈА КАКО ШВАЈЦАРИЈА Криминалот речиси на нула, обвинителството информира за конфискувани само 18.000 евра

Корупција, злоупотреби и местење тендери во статистиката има, но кога треба да се одземе имотот бројките изгледаат како Македонија да е земја без криминал.

МАКЕДОНИЈА КАКО ШВАЈЦАРИЈА Криминалот речиси на нула, обвинителството информира за конфискувани само 18.000 евра
Фото: Принтскрин

При толку случаи на корупција, злоупотреби и сомнежи за местење јавни тендери, државата минатата година конфискувала имот и средства во вредност од само 18.000 евра. Податокот е содржан во извештајот за работата на јавните обвинителства, кој денеска се разгледува во Собранието.

Во документот и самото Обвинителство признава дека конфискуваната сума е премала. Како објаснување се наведува дека предметите во кои се бара конфискација на многу поголеми суми сè уште се во постапка, па нивните резултати се очекуваат во извештајот за наредната година.

Статистиката покажува и дека значителен дел од обвиненијата не стигнуваат до конечна осуда. Имено, 42,2 отсто од покренатите обвиненија биле отфрлени од судовите во понатамошните постапки. Сепак, овој процент е нешто понизок во споредба со претходната година.

Од Државното јавно обвинителство посочуваат и дека санкциите за осудените сторители често се премногу благи, што дополнително го намалува ефектот од кривичниот прогон.

Кај едно од најчувствителните кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување – биле покренати 1.461 обвинение. За проневера во службата, пак, биле покренати 43 обвиненија, дело кое во јавноста беше актуелно и во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Значителен пораст има и кај предметите поврзани со злоупотреби при јавните набавки. Минатата година биле покренати 57 обвиненија, што е повеќе од двојно во споредба со претходната година, кога биле евидентирани 26.

Во извештајот, зад кој за првпат стои потписот на државниот јавен обвинител Ненад Савески, се посочуваат и хроничните проблеми со финансирањето и кадарот. Обвинителствата, како што се наведува, добиваат само околу половина од законски утврдениот буџет, а истовремено се соочуваат и со сериозен недостиг на кадар.

CATEGORIES
TAGS
Share This