РЕКОРДНА НАПЛАТА И НОВА СТРАТЕГИЈА Како ќе се менува македонското рударство

Божиновска: Иднината на македонското рударство е во безбедноста, модернизацијата, заштитата на животната средина и поголемите придобивки за локалните заедници.

РЕКОРДНА НАПЛАТА И НОВА СТРАТЕГИЈА Како ќе се менува македонското рударство
Фото: Принтскрин

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Денот на рударите – 28 Август, со порака дека иднината на македонското рударство мора да се темели на поголема безбедност, модернизација, одговорно користење на природните ресурси и директни придобивки за локалните заедници.

На свеченоста во Скопје присуствуваа претставници на рударскиот сектор, компании, институции, стопанството, научната и академската заедница, како и рудари со долгогодишно искуство. Министерката Божиновска порача дека човекот мора да остане во центарот на рударството, со особено внимание на достоинството и безбедноста на работниците.

„Рударството е значаен дел од македонската економија, но неговиот иден развој мора да се темели на јасни правила, засилен институционален надзор, поголема безбедност, современи технологии и конкретни придобивки за средините во кои се врши експлоатацијата“, истакна Божиновска.

Како еден од најзначајните резултати во секторот беше посочена рекордната наплата на концесиските надоместоци. Во 2025 година биле наплатени над 1,22 милијарди денари, што е историски највисоко ниво. Трендот продолжува и годинава, при што во првите шест месеци од 2026 година се собрани речиси 574 милиони денари – повеќе од двојно во споредба со истиот период во 2024 година.

Од Министерството велат дека зголемената наплата е резултат на подобрен систем, засилен надзор, почести контроли и поголема одговорност на концесионерите кон своите обврски.

Во 2025 година во земјава биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат. Рударството учествувало со 10,9 отсто во индустриското производство и со 2,8 отсто во вкупниот извоз.

На свеченоста беше истакнато и донесувањето на Стратегијата за минерални суровини, која треба да обезбеди долгорочна развојна рамка за секторот. Паралелно се финализираат нови законски решенија за рударството и геолошките истражувања, со кои се најавуваат поголема транспарентност, посилен надзор, попредвидлива регулатива и повисоки стандарди за заштита на животната средина.

Особено внимание беше посветено на локалните заедници. Согласно законската распределба, 78 отсто од концесиските надоместоци се приход на општината на чија територија се врши концесиската дејност. Средствата треба да се користат за локални патишта, водоводи, комунална инфраструктура, училишта, јавни услуги и проекти за заштита на животната средина.

„Рудникот не смее да биде изолиран остров на економска активност. Тој треба да биде двигател на целиот регион во кој работи“, порача Божиновска.

Министерството најави продолжување на контролите и редовното следење на концесиските обврски. За компаниите што вложуваат во безбедноста на работниците, современите технологии, животната средина и локалниот развој, институциите ќе бидат партнер, додека за неодговорното работење и непочитувањето на законите, како што беше истакнато, нема да има компромис.

„Ниту еден тон произведена руда, ниту еден процент од извозот и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место“, нагласи министерката.

На настанот беше отворено и прашањето за обезбедување нови кадри. Секторот има потреба од млади инженери, геолози, техничари, оператори и експерти за животна средина. Како можни решенија беа посочени поголемото поврзување на рударските компании со средните стручни училишта и универзитетите, повеќе практична настава, стипендии и менторски програми.

Претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Диме Петрески, го истакна значењето на рударството за економскиот и индустрискиот развој, како и потребата од соработка меѓу институциите, компаниите, науката и работниците.

Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. Ѓорѓи Димов, оцени дека иднината на секторот е поврзана со знаењето, новите технологии и создавањето нови генерации инженери и геолози. Според него, современото рударство треба да биде побезбедно, поефикасно, дигитализирано и поодговорно кон животната средина.

Научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, зборуваше за стратешкото значење на минералните суровини за енергетската и зелената транзиција, посочувајќи дека прашањето не е дали треба да има рударство, туку каков модел на рударство треба да се развива – одржлив, безбеден, научно заснован и прифатлив за локалното население.

Во рамки на настанот беше даден простор и на рударите и нивните непосредни искуства. Катерина Новакова од САСА зборуваше за можностите за поголемо учество на жените во современото рударство, додека Љубе Колев од Бучим, кој годинава заминува во пензија, се осврна на промените во работата и зголеменото внимание кон безбедноста.

На свеченоста Божиновска додели и десет признанија за особен придонес, професионална посветеност и заслуги во рударството. Признанија добија Драганчо Јованчов од Рудник САСА, Иво Ѓоргиевски од Тораница, Иван Цеков од Злетово, Љубе Колев од Бучим, Игор Наумоски од Мермерен комбинат АД Прилеп, Драганчо Ивановски од АД ЕСМ – РЕК Битола, Сеад Башевич од ФИМАР БАЛКАН, Фуат Таири од ЈЕФУТА ИНЖЕНЕРИНГ, Борче Блажески од КРИН КГ и Боби Трајковски од МИСА-МГ.

Одбележувањето на Денот на рударите заврши со порака дека развојот на секторот треба да се гради врз знаење, модерни технологии, безбедност, заштита на животната средина и партнерство со локалните заедници.

„Нашата визија се темели на три неразделни одговорности: одговорност кон работникот, одговорност кон локалната заедница и одговорност кон идните генерации. Денес, сите бројки, резултати и планови за иднината за момент ги оставаме настрана. Затоа што овој ден има свои вистински главни лица. Почитувани рудари, овој ден е Ваш“, порача Божиновска.

https://nacionalno.mk/drzhavata-gi-sobra-parite-od-koncesiite-sumata-za-shest-meseci-e-ve-iznenadi/

CATEGORIES
Share This