ДО 100 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА УКРАИНА ЕУ подготвува нов удар врз Русија
Кошта од Киев откри што следува: повеќе пари за Киев, нови санкции за Москва и притисок за преговори.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска порача дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Украина и да го засилува притисокот врз Русија со цел Москва да се насочи кон преговори наместо кон продолжување на воените дејствија. Кошта ова го изјави во интервју за украинската агенција „Укринформ“ за време на неговата посета на Киев по повод Денот на независноста на Украина. Во фокусот на разговорите со украинските власти биле енергетиката, финансиската поддршка и зајакнувањето на воздушната одбрана.
Според Кошта, новиот предлог-буџет на ЕУ предвидува програма за соработка со Украина во вредност до 100 милијарди евра. Во меѓувреме, Европската комисија одобри и нова финансиска транша од 6,1 милијарди евра за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина.
Говорејќи за можноста за мировни преговори, Кошта нагласи дека ЕУ е подготвена да разговара, но само кога и Русија ќе покаже подготвеност за сериозни преговори. Тој смета дека неодамнешните руски напади врз Украина, меѓу кои и нападот врз трговски центар во Криви Рог со цивилни жртви, не се знак за искрен пристап кон мировниот процес.
„Работиме во две насоки: ја поддржуваме Украина и го зголемуваме притисокот врз Русија“, изјави Кошта, потсетувајќи дека ЕУ веќе го усвои 21. пакет санкции против Москва.
Тој додаде дека Унијата, заедно со Украина и своите партнери, продолжува со напорите за зголемување на притисокот врз Русија, со цел таа „да се префрли од бојното поле на преговарачката маса“. Како приоритети за периодот пред зимата, Кошта ги наведе зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана, обновувањето на бродскиот сообраќај во Црното Море и подготовките за зимската сезона, особено во енергетскиот сектор.
Во однос на европската интеграција на Украина, претседателот на Европскиот совет оцени дека земјата остварува добар напредок и дека оценката на Европската комисија е позитивна. Кошта нагласи дека пристапувањето во ЕУ зависи од исполнувањето на критериумите што важат за сите земји-кандидатки, вклучително и реформите во демократските институции, владеењето на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на конкурентноста.
Иако изрази оптимизам дека Украина еден ден ќе стане членка на Европската Унија, Кошта не сакаше да постави конкретен рок за завршување на процесот. На прашањето дали за време на неговиот мандат би можел да го прослави Денот на независноста на Украина како членка на ЕУ, Кошта потсети дека неговиот мандат истекува во мај, а евентуалното продолжување ќе зависи од лидерите на земјите-членки.
„Еден ден претседателот на Европскиот совет ќе биде тука за да го прослави Денот на независноста на Украина како полноправна членка на Европската Унија“, порача Кошта.

