ШТО СЕ СЛУЧУВА ЗАД СЦЕНАТА Директорот на ЦИА ненадејно пристигна во Москва
Ратклиф во руската престолнина пристигнал со американски воен авион, а Кремљ потврди само дека посетата е поврзана со „контакти меѓу безбедносните служби“.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф, престојувал во Москва, каде што се сретнал со руски претставници, објави CBS News, повикувајќи се на американски претставник.
Ратклиф во руската престолнина пристигнал со американски воен транспортен авион C-17 „Глобмастер III“, кој претходно слетал во Рига. Леталото пристигнало на московскиот аеродром Внуково, а подоцна ја напуштило Москва и се упатило кон границата со Латвија, покажуваат податоците од онлајн системите за следење на воздушниот сообраќај.
Според CBS News, посетата на Ратклиф била поврзана со средби со руски претставници. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за „Вашингтон пост“ изјавил дека посетата е поврзана со „контакти меѓу безбедносните служби“, но одбил да открие дополнителни детали.
Песков претходно изјавил дека Кремљ нема информации за американски воен авион што пристигнал на Внуково, како и дека руската страна не планира средби со претставници на американската администрација во текот на оваа недела.

