ГОЛЕМА ШТЕТА ВО ПРИЛЕПСКО Град со големина на орев уништи до 1.100 хектари насади
Најпогодени се атарите на Новоселани и Заполжани, каде што дел од тутунот е целосно уништен, а земјоделците стравуваат од огромни финансиски загуби.

Силно невреме проследено со крупен град и јак ветер вчера попладне предизвика огромни штети врз земјоделските насади во Прилепско. Најпогодени се површините во Долненскиот регион, особено атарите на Дебреште, Новоселани и Заполжани.
Според проценките на Сојузот на тутунски здруженија, уништени се меѓу 1.000 и 1.100 хектари земјоделски површини, засадени претежно со тутун, но и со сончоглед, пченка и пиперки. На одредени места градот, со големина на орев, во комбинација со силниот ветер, го уништил родот и до 100 проценти.
„Состојбата е катастрофална. Само што пристигнав од терен, каде што ги посетив атарите на Дебреште, Ропотово, Заполжани, Лажани и Новоселани. Најкатастрофално е во Новоселани и Заполжани. Има тутуни оштетени 100 проценти, а на одредени места површините се поплавени и тутунот е полегнат. Состојбата навистина е загрижувачка“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Земјоделците стравуваат од значително намалување на приносите, но и од сериозни финансиски загуби, бидејќи најголем дел од производството не им е осигурено.
Од Сојузот најавуваат дека ќе побараат враќање на можноста за задолжително склучување осигурителни договори при склучувањето на договорите за откуп на тутунот.
„На првиот состанок во Министерството за земјоделство ќе бараме да се врати стариот закон, односно при склучувањето на договорите за тутун да се склучуваат и договори за осигурување со осигурителните компании. На тој начин земјоделците ќе можат да бидат обесштетени барем за дел од загубите“, посочи Ристески.
Штети од вчерашното невреме има и во атарите на прилепските села Мало и Големо Коњари. Од Сојузот ги повикуваат сите земјоделци чии насади се оштетени да ги пријават штетите во своите општини, со цел да се направи соодветна проценка.
Според тутунопроизводителите, долгорочно решение е осигурувањето на земјоделскиот род, бидејќи силните невремиња стануваат сè почести, а другите механизми за заштита се ограничени. Враќањето на градобијните ракети, велат од Сојузот, повеќе не е реално поради бројните авионски прелети над земјата.
Како можна превентивна мерка се посочува авионското распрскување на облаците што носат град, механизам кој во земјава беше воведен пред неколку години.

