КАДЕ НИКАКО ДА НЕ ПАТУВАТЕ ВО 2026 Ова се најопасните земји во светот
Меѓународната „SOS мапа на ризик“ ги издвојува дестинациите со екстремен безбедносен ризик поради војни, тероризам, криминал, киднапирања и политичка нестабилност.

Колку е безбедно да се патува во одредена земја? На ова прашање се обидува да одговори меѓународната „SOS мапа на ризик“ за 2026 година, која наместо класично рангирање ги дели земјите и териториите во пет категории и од занемарлив до екстремен безбедносен ризик.
Проценката не се темели само на уличниот криминал. Се анализираат и вооружените конфликти, тероризмот, политичкото насилство, бунтовите, социјалните немири, киднапирањата и другите форми на криминал, но и способноста на државните институции, безбедносните служби и инфраструктурата да реагираат на заканите.
„Мапата на ризик“ има и посебна проценка за медицинските ризици, но безбедносниот сегмент покажува кои дестинации во 2026 година се сметаат за најопасни за патниците.
Земји со екстремен безбедносен ризик
На врвот на листата се наоѓаат земји во кои војните, тероризмот, политичката нестабилност и слабоста на институциите создаваат сериозна закана за странците.
Авганистан останува меѓу најризичните дестинации во светот. По враќањето на Талибанците на власт во 2021 година, ограничувањата на правата, активностите на ИСИС-К и другите вооружени групи, слабата инфраструктура и ограниченото присуство на институциите создаваат исклучително небезбедна средина, особено надвор од поголемите градови.
Ирак и покрај поголемата стабилност во однос на претходните години, и натаму се соочува со закани од вооружени милиции, остатоци од ИСИС, секташки и етнички тензии, како и ризик од киднапирања и напади врз странци.
Јемен е погоден од долгогодишна граѓанска војна, тешка хуманитарна криза, тероризам и киднапирања. Државните институции во голем дел се нефункционални, што дополнително го зголемува ризикот за патниците.
Иран се соочува со сериозна политичка и безбедносна нестабилност, вклучително и внатрешни репресии и регионални воени тензии.
Либија останува поделена меѓу ривалски политички структури и вооружени милиции. Шверцерските мрежи, конфликтите и криминалот создаваат висок ризик од насилство и киднапирања.
Мјанмар е во состојба на граѓанска војна по воениот удар во 2021 година. Борбите меѓу војската и различни вооружени групи, воздушните напади и масовното раселување ја прават безбедносната состојба крајно нестабилна.
Сомалија се соочува со чести терористички напади, активности на Ал-Шабаб, клански конфликти и слабости на централната власт. Иако пиратството е намалено, ризиците за странците остануваат високи.
Судан, каде што граѓанската војна меѓу SAF и RSF трае од 2023 година, е меѓу најтешко погодените земји во светот. Конфликтот предизвика огромен број жртви, милиони раселени лица, глад и целосно нарушување на функционирањето на државата.
Јужен Судан и натаму се соочува со етничко насилство, вооружени групи, политичка нестабилност и широко распространет криминал, додека државната контрола е ограничена.
Централноафриканската Република е погодена од долготрајни конфликти меѓу вооружени групи, киднапирања и насилен криминал. Државната контрола надвор од главниот град е ограничена, што претставува сериозен ризик за странците.
Украина и натаму е под силно влијание на војната, со чести ракетни и дронски напади и ризик за цивилното население.
Ризични дестинации и во Африка и Латинска Америка
Меѓу земјите со највисок безбедносен ризик се издвојуваат и Буркина Фасо, Етиопија, Мали, Нигер и Нигерија, каде што терористички групи, вооружени конфликти, политички превирања и киднапирања претставуваат сериозна закана.
Во Хаити, вооружените банди контролираат големи делови од земјата, вклучително и области околу главниот град Порт-о-Пренс. Убиствата, киднапирањата и ограниченото функционирање на безбедносните институции ја прават земјата исклучително ризична.
Хондурас се соочува со висока стапка на насилен криминал, активности на банди, трговија со дрога и грабежи. Одредени региони се особено ризични за странските посетители.
Во Венецуела, економските проблеми, криминалот и слабеењето на институциите придонесуваат за нестабилна безбедносна средина.
На листата се наоѓа и Папуа Нова Гвинеја, каде што патувањето во одредени области не се препорачува поради насилен криминал, граѓански немири, вооружени грабежи, сексуални напади, киднапирања и ограничена полициска и медицинска помош.
Пакистан се соочува со висока терористичка закана, особено во пограничните области, каде што странците можат да бидат цел на вооружени групи.
За Нигер се препорачува избегнување на патувања поради сериозен ризик од тероризам, киднапирање и криминал. Во земјата се присутни вооружени групи, ограничувања на движењето и вонредни безбедносни мерки, а состојбата може брзо да се влоши.
Според проценката, за патниците најважно е да не се гледа само на општата безбедносна слика на една држава, туку и на конкретниот регион, бидејќи ризикот може значително да се разликува од една до друга област во рамките на истата земја.

