ДЕНЕСКА ЗАПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА ЛОТАРИЈА Груби повторно пред суд, Бајрами во бегство
Поранешниот вицепремиер е обвинет со уште седум лица за злоупотреби тешки над 507 милиони денари.

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судењето против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица, обвинети за злоупотреби поврзани со работењето на АД „Државна лотарија“.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинителен предлог, во кој се наведува дека обвинетите во текот на 2023 и 2024 година, дејствувајќи заеднички, ги пречекориле своите службени овластувања и должности со намера да ѝ нанесат штета на Државна лотарија во значителна вредност од 507.632.173 денари.
На сите обвинети им се става на товар кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 во врска со ставовите 4 и 1 и член 22 од Кривичниот законик. За делото е предвидена затворска казна до пет години.
Првообвинетиот и поранешен директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство. За него Обвинителството побарало определување мерка притвор до пронаоѓањето, во траење од 30 дена.
За Артан Груби, пак, е предложено продолжување на претходно определениот куќен притвор, заедно со мерките на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Со оглед на тоа што Обвинителството поднесе обвинителен предлог, согласно член 470 став 4 од Законот за кривичната постапка, мерката притвор може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа. Во овој случај рокот се смета од 13 август.
Груби по повеќе од 14 месеци во бегство беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце. По распитот во Обвинителството, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини му беше одреден куќен притвор.

