ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете го ова пред да запалите автомобил – АМСМ со предупредување

На една граница се чека 30 минути, а на повеќе патни правци има ограничувања, работи и опасност од одрони.

ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете го ова пред да запалите автомобил – АМСМ со предупредување
Фото: Принтскрин

Сообраќајот на државните патишта во земјава во моментов се одвива непречено, по суви коловози. Сепак, интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен.

Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека на граничниот премин Богородица се чека околу 30 минути за излез од државата. На останатите гранични премини нема подолги задржувања ниту за влез ниту за излез од земјава.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата. Посебна внимателност се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони.

Најголем ризик од одрони има на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Изменет режим кај наплатната станица Преод

Од 17 август до 1 октомври 2026 година е изменет режимот на сообраќајот пред наплатната станица Преод поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип.

Во текот на летниот период важат и посебни ограничувања за движење на тешки товарни возила.

Од 1 јули до 31 август, на државните патишта е забрането движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот.

При екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи и во периодот од 11 до 17 часот.

Исклучок се возилата што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани на проекти на државните патишта.

На магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебен режим за товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони. Забраната важи во петок од 15 до 22 часот, во сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот, како и во недела од 7 до 22 часот.

Овој режим е воведен за да се избегнат поголеми сообраќајни метежи на патот кон Охрид, особено во туристичката сезона.

Отворен патот Охрид – Ресен преку Галичица

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

Работи и времен режим на повеќе делници

На повеќе патни правци во земјава се изведуваат градежни и санациони работи поради кои е воспоставен времен режим на сообраќај.

Во Штип од 6 јули трае изменет режим на сообраќај поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204.

На патниот правец Гостивар – Стража се врши санација на мостовите, меѓу кои мостот бр. 4, вијадукт на Атанасова Река, и мостот бр. 7, вијадукт на Дол. Поради работите е воспоставен времен режим кој ќе трае до нивното завршување.

Санациони активности се изведуваат и на мостовите на А2 на реката Вардар во близина на селото Желино, во двата правци, Скопје – Желино и Желино – Скопје.

На автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведува премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.

На скопската обиколница, на А2, се рехабилитира делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата сообраќајна лента, а возилата се движат по средната и десната лента.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, изменет режим има и на патниот правец Прилеп – Битола. Сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Прилеп – Битола, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

CATEGORIES
Share This