ТРЕПЕРЕЊЕ ВО БЕЛАТА КУЌА Судот ја урна Трамповата забрана за имигрантски визи, Македонија повторно на листата

Федерална судијка оцени дека мерката за 75 земји е спротивна на законот и ги надминува овластувањата на администрацијата – одлуката директно ги засега и македонските граѓани кои планираат преселба во САД.

ТРЕПЕРЕЊЕ ВО БЕЛАТА КУЌА Судот ја урна Трамповата забрана за имигрантски визи, Македонија повторно на листата
Фото: Принтскрин

Федерален суд во САД ја поништи одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп со која беше суспендирано издавањето имигрантски визи за државјани на 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија.

Судијката Џенет Варгас оцени дека мерката е „спротивна на законот“ и дека државниот секретар Марко Рубио ги надминал своите законски овластувања. Одлуката претставува уште еден судски удар врз имиграциската политика на администрацијата на Трамп.

Забраната, воведена во јануари, се однесуваше на визи за лица кои планираат трајно да се преселат во САД. На листата, покрај Северна Македонија, беа и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, како и низа држави од Блискиот Исток, Африка, Азија и Карибите.

За македонските граѓани тоа значеше прекин на издавањето имигрантски визи, меѓу другото за лица кои сакаат да се преселат во САД поради семејно обединување или вработување. Мерката не ги опфаќаше неимигрантските визи, како туристичките и студентските.

Администрацијата на Трамп ја оправдуваше политиката со проценка дека дел од лицата од овие земји би можеле да станат зависни од социјална помош и други јавни бенефиции.

Сепак, судијката Варгас утврди дека американските конзуларни службеници добивале инструкции да ги одбиваат барањата врз основа на земјата на потекло на апликантот, наместо да прават индивидуална проценка.

Американското законодавство предвидува дека имигрантска виза може да биде одбиена поради можноста лицето да стане „товар за јавните фондови“, но таквата одлука мора да се темели на конкретните околности на секој апликант. При проценката треба да се земат предвид неговата финансиска состојба, возраст, здравје, вештини и семејни околности.

Врз основа на тоа, Варгас ги поништи одбивањата на визите кои биле донесени исклучиво поради проценката дека апликантот би можел да стане товар за јавните фондови.

Судијката им даде рок на страните до 11 септември да предложат начин за решавање на преостанатите прашања во постапката. Администрацијата на Трамп има право да поднесе жалба на одлуката.

CATEGORIES
Share This