ВРЕДИ ПОВТОРНО БАРА ОДГОВОРИ ОД АХМЕТИ И АБАЗИ За трагедијата во тетовската модуларна болница

Од партијата бараат Ислам Абази јавно да објасни врз основа на што е донесена одлуката за затворање на постапката за јавните набавки на 19-те модуларни болници.

ВРЕДИ ПОВТОРНО БАРА ОДГОВОРИ ОД АХМЕТИ И АБАЗИ За трагедијата во тетовската модуларна болница
Фото: Принтскрин

ВРЕДИ повторно бара одговори за трагедијата во тетовската модуларна болница, каде што во пожарот во 2021 година животот го загубија 14 лица.

Од партијата денеска реагираат по отворањето на прашањето за затворањето на постапката поврзана со јавните набавки за 19-те модуларни болници. Како што велат од ВРЕДИ, по вчерашната реакција очекувале одговор од Али Ахмети и ДУИ, но таков одговор, според нив, не добиле.

Од ВРЕДИ сметаат дека со затворањето на постапката се отвораат дополнителни прашања за начинот на кој Обвинителството дошло до ваквиот епилог. Оттаму бараат шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, јавно и детално да објасни врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката.

Партијата ја отвора и политичката одговорност на ДУИ, посочувајќи дека трагедијата се случи во период кога партијата беше дел од власта.

„Али Ахмети не може да се однесува како ова прашање политички да не ја засега ДУИ“, велат од ВРЕДИ.

Тие додаваат дека пет години по трагедијата семејствата на жртвите сè уште се соочуваат со низа неодговорени прашања.

Од партијата нагласуваат дека затворањето на една постапка, според нив, не значи и затворање на сите прашања околу случајот.

„Затворањето на една постапка не ги затвора прашањата, а молкот на Али Ахмети не ја затвора политичката одговорност“, стои во соопштението.

ВРЕДИ најавува дека ќе продолжи јавно да бара целосна транспарентност и одговори за постапките поврзани со модуларните болници, како и за одлуките донесени пред трагичниот пожар во Тетово.

CATEGORIES
Share This