СКАНДАЛ ИЛИ ЛАЖНА ВЕСТ Рама реагираше за химната, Темелко со видео го тврди спротивното

СКАНДАЛ ИЛИ ЛАЖНА ВЕСТ Рама реагираше за химната, Темелко со видео го тврди спротивното

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагираше по информациите дека на фолклорниот фестивал „Преспа 2026“ во Пустец, одржан на 21 август, не била интонирана албанската химна. На фестивалот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

Од албанското Министерство оценија дека неизведувањето на химната претставува сериозен пропуст и непочитување на националните симболи и правилата на институционалниот протокол. За случајот се огласи и албанскиот премиер Еди Рама преку социјалната мрежа „Х“. Според него, градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, побарал да биде изведена и албанската химна, но неговото барање било игнорирано. Рама наведува дека Колефски потоа се извинил за пропустот, иако, како што тврди, не бил одговорен за него.

„Колефски се покажа како достоен државник и граѓанин на европска Албанија“, напиша Рама.

Тој нагласува дека за Албанија малцинствата не се статистика, туку национално богатство и дека припадниците на малцинствата имаат исти права и слободи како и останатите граѓани. Во продолжение, Рама остро го критикуваше, како што го нарече, „балканскиот национал-фолклоризам“, оценувајќи дека ваквите појави не ја загрозуваат сувереноста на Албанија, туку отвораат прашања за политичката рамнотежа во земјата.

„Албанија, балканската Европа, никогаш не може и нема да си дозволи да ги спушти своите вредности на нивото на пародијата во Пустец“, порача албанскиот премиер.

На ваквите тврдења подоцна реагираше поранешниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко. Тој оцени дека Рама бил погрешно информиран и дека изјавата ја темелел на неточни информации.

Темелко, во име на организаторот на фестивалот, тврди дека на „Преспа 2026“ биле интонирани и македонската и албанската химна. Како потврда, тој објави и видео на својот профил на „Фејсбук“.

На фестивалот „Преспа 2026“ присуствуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, а според организаторите, пред почетокот на програмата биле изведени двете химни – македонската и албанската.

CATEGORIES
Share This