(ВИДЕО) ПОЖАРОТ СТИГНА ДО СОФИЛАР Евакуација во Струмица, пепел паѓа и во градот
Огнената стихија меѓу Баница, Водоча и Софилар сè уште не е целосно локализирана, а поради опасноста се исклучени од електричната мрежа Вељуса, Баница и Водоча. Пожарникари од повеќе градови и механизација се вклучени во гаснењето.

Големиот пожар што избувна денеска напладне меѓу струмичките села Баница и Водоча и месноста Софилар сè уште не е целосно ставен под контрола. Според последните информации од ТППЕ Струмица, огнот стигнал до населбата Софилар, додека пожарникарските екипи со помош на механизација прават противпожарни пресеци за да го спречат неговото ширење. На терен се повикани и пожарникари од Гевгелија, Валандово и Пробиштип.
Поради пожарот, Вељуса, Баница и Водоча се целосно исклучени од електричната мрежа, а снабдувањето ќе биде прекинато до целосното локализирање и ликвидирање на огнената стихија. Градоначалникот на Струмица е на терен, каде механизацијата активно учествува во гаснењето и спречувањето на ширењето на пожарот.
Командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, наредил евакуација на граѓаните. Една жена била насилно евакуирана откако одбила да го напушти местото и сакала да ја брани својата викендица. Во меѓувреме, жителите на Струмица известуваат дека пепел од пожарот паѓа и во градот.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не се приближуваат до зафатеното подрачје, додека пожарникарите продолжуваат со напорите за ставање на пожарот под целосна контрола.

