ГОРИВАТА ПОВТОРНО НАГОРЕ Цените во ЕУ скокнаа за речиси 17 проценти

По значителното поевтинување во јуни, бензинот и дизелот во јули повторно поскапеа, а во 25 од 27 земји членки горивата биле поскапи од лани.

ГОРИВАТА ПОВТОРНО НАГОРЕ Цените во ЕУ скокнаа за речиси 17 проценти
Фото: Национал

Цените на горивата и мазивата за личен транспорт во Европската унија во јули пораснале за 16,9 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Евростат. Иако годишниот раст е помал во однос на мај, кога цените биле повисоки за 20,7 проценти, во јули е забележано забрзување во споредба со јуни, кога растот изнесувал 13,7 проценти.

Горивата во јули биле поскапи отколку една година претходно во 25 од вкупно 27 земји членки на ЕУ. Најголем годишен скок е регистриран во Романија, каде цените пораснале за 24,2 проценти. Следуваат Германија и Литванија со раст од по 22,9 проценти, Бугарија со 22,2 проценти, Холандија со 22 проценти и Финска со 20,5 проценти.

Од друга страна, Унгарија е единствената земја во која горивата поевтиниле на годишно ниво, и тоа за 0,1 процент. Најмал раст е забележан во Шведска од 1,2 проценти и Ирска од 3,2 проценти. Во Малта нема промена, бидејќи цените на горивата се регулирани од 2020 година.

На месечно ниво, дизелот во ЕУ во јули поскапел за 4,3 проценти, додека бензинот за 4,7 проценти. Ова претставува значаен пресврт во однос на јуни, кога дизелот поевтинел за 6,4 проценти, а бензинот за 4,2 проценти. Цената на дизелот од јуни до јули се зголемила во 17 земји членки. Најголем раст е регистриран во Полска од 13,4 проценти, Германија од 12,7 проценти и Грција од 12,1 процент.

Во девет земји дизелот поевтинел, а најголем пад има во Кипар од 7,9 проценти, Шведска од 7,4 проценти и Ирска од 6,4 проценти. Кога станува збор за бензинот, месечен раст е забележан во 14 земји, додека во 12 земји цените се намалиле. Најголемо поскапување имало во Полска, каде бензинот пораснал за 17,2 проценти, потоа во Германија со 11 проценти и Шпанија со 7,1 процент.

Најголем пад на цената на бензинот е регистриран во Шведска од 11,1 процент, Кипар од 5,4 проценти и Ирска од 4,1 процент, покажуваат податоците на Евростат.

CATEGORIES
Share This