80 ГОДИНИ ПОДОЦНА, ПОРАКАТА Е ИСТА Работникот мора да има свој глас

ССМ го одбележа големиот јубилеј и порача дека борбата за повисоки плати, достоинствена работа и подобри услови за работниците продолжува.

80 ГОДИНИ ПОДОЦНА, ПОРАКАТА Е ИСТА Работникот мора да има свој глас
Фото: Принтскрин

Со свечена седница, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одбележа 80 години од своето основање, јубилеј кој беше оценет како значаен дел од историјата на македонското синдикално движење.

Од ССМ истакнаа дека како најбројна и најрепрезентативна синдикална организација во земјава, осум децении ги застапува правата и интересите на работниците, учествува во креирањето на работничките политики и придонесува за развојот на социјалниот дијалог.

На свеченоста присуствуваа актуелното раководство на ССМ, претставници на гранските синдикати, поранешни претседатели, членови, поддржувачи и гости. Беше направен осврт на развојот на синдикалното организирање во Македонија, како и на предизвиците со кои работниците се соочуваат денес.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, говореше за значењето на јубилејот, досегашните достигнувања на организацијата и заложбите за унапредување на работничките права и животниот стандард.

Тој ја потсети јавноста и на пораката забележана во архивските записи од Првиот конгрес на ССМ во 1946 година:

„Работникот мора да има свој организиран глас, за да ја брани социјалната правда и достоинството“, порача Трендафилов.

На свечената седница беше нагласено дека осумдесетгодишната историја на ССМ е поврзана со борбата за достоинствена работа, повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на работничките права.

Од ССМ посочија дека јубилејот претставува можност за оддавање признание на сите генерации синдикалци кои придонеле за развојот на организацијата, но и дополнителен мотив за продолжување на борбата за подобри услови за работниците во годините што следуваат.

CATEGORIES
Share This