6.800 НАСПРОТИ 540 ДЕНАРИ Мицкоски со споредба за пензиите
Премиерот тврди дека просечната старосна пензија во првите 25-26 месеци од актуелната Влада пораснала за повеќе од 6.800 денари, наспроти 540 денари во истиот период под претходната Влада.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Прилеп ја отфрли критиката на опозицијата за растот на пензиите, посочувајќи дека просечната старосна пензија во мандатот на актуелната Влада расте значително побрзо отколку во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски објасни дека во првите 24-25 месеци од мандатот на актуелната Влада, просечното месечно зголемување на старосната пензија изнесува 296 денари. За споредба, во 83 месеци под претходната Влада, просечното месечно зголемување било 91 денар.
„Кога ќе се споредат овие два параметра, доаѓаме до 3,25 пати повеќе сега отколку во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, или тоа е математички прецизно 325 проценти“, изјави Мицкоски.
Премиерот направи и споредба на првите 25-26 месеци од двата владини мандата. Според него, од јуни 2017 до јуни-јули 2019 година просечната старосна пензија се зголемила за 540 денари, додека во првите 25-26 месеци од актуелната Влада зголемувањето изнесува повеќе од 6.800 денари.
Мицкоски оцени дека тоа претставува повеќе од 12,5 пати поголемо зголемување на просечната старосна пензија во споредба со првите години од претходната Влада.
Тој порача дека опозицијата треба да ја прифати, како што рече, оваа реалност и да излезе од „безидејноста“, додека Владата ќе продолжи со реализација на проекти и реформи низ државата.
„Ние имаме јасна цел. Наша цел се проекти како овој коишто се испорачуваат на повеќе од 1.200 места низ државата, реформите, да го стабилизираме системот којшто не постоеше“, истакна Мицкоски.

