АЛБАНИЈА МУ ЗАМЕРИ НА ПУСТЕЦ Што им пречеше на настанот на кој беше Мицкоски
Албанското МНР оцени дека неизведувањето на албанската химна е сериозен пропуст и отстапување од институционалниот протокол.

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагираше по културниот настан што вчера се одржа во Пустец, на кој присуствуваше премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, а на кој не беше интонирана химната на Албанија.
Од албанското Министерство велат дека станува збор за сериозен пропуст и отстапување од институционалниот протокол и правилата на почитување на националните симболи.
„Министерството за Европа и надворешни работи жали за фактот што, на културна активност одржана вчера во Пустец, со учество на премиерот на Северна Македонија и градоначалникот, не беше изведена албанската национална химна, заедно со онаа на Северна Македонија“, се наведува во реакцијата.
Иако настанот бил организиран од локално здружение, од албанското МНР посочуваат дека присуството на високи институционални претставници и локални избрани функционери му дало посебна јавна и институционална димензија.
Според нив, неизведувањето на албанската химна претставува сериозен пропуст во однос на пишаните и непишаните правила на бонтон и протокол.
„Почитувањето на националните симболи не треба да биде прашање на политика или толкување. Тоа е дел од институционалната етика, протоколот и, пред сè, меѓусебното почитување“, порачаа од албанското МНР.
Во реакцијата се нагласува дека ваквото почитување е особено важно во средини каде што коегзистираат различни заедници и идентитети.
Од Министерството додаваат дека почитувањето на националните симболи во Пустец, како и во секој друг дел од Албанија, претставува почитување кон граѓаните, демократскиот соживот и граѓанската култура.
„Тоа е исто така основа на добрососедство и здрави односи меѓу нашите народи и држави“, се наведува во реакцијата.
Да потсетиме, вчера премиерот Мицкоски порача дека границите можат да ги поделат териториите, но не можат да ги избришат јазикот, културата и чувството на припадност по македонски фолклорен фестивал „Преспа“ во Пустец.
Мицкоски, кој е покровител на фестивалот, на Фејсбук напиша дека со особена чест бил меѓу Македонците од Мала Преспа и испрати порака дека „Македонија е со вас“. Фестивалот се одржа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец, во организација на Македонското друштво „Преспа“, Здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ и Општина Пустец.
Премиерот порача дека ќе продолжи поддршката за македонскиот јазик, култура и традиција, нагласувајќи дека наследството не е само спомен од минатото, туку богатство што треба да се зачува и за идните генерации.
„Нека трае македонскиот збор, нека трае македонската песна, нека трае врската меѓу Македонија и Македонците од Мала Преспа“, порача Мицкоски.

