МИЦКОСКИ РЕАГИРА НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ПРЕДМЕТОТ за модуларната болница во Тетово

Премиерот ја критикуваше одлуката на ОЈО и потсети дека во пожарот во 2021 година животот го загубија 14 лица

МИЦКОСКИ РЕАГИРА НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ПРЕДМЕТОТ за модуларната болница во Тетово
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на одлуката на Основното јавно обвинителство да го затвори предметот поврзан со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој во 2021 година животот го загубија 14 лица.

Мицкоски посочи дека постапката трае речиси пет години и изрази несогласување со одлуката со која, според него, се става крај на случајот и покрај трагичните последици од пожарот.

„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе“, изјави премиерот.

Тој упати критики и кон обвинителот кој е во заминување, наведувајќи дека, според неговите информации, во тек е постапка за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.

Мицкоски оцени дека одлуката може да биде поврзана со односите на обвинителот со претходната владејачка гарнитура.

„За жал, обвинителот којшто е во заминување, бидејќи, од тоа што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува до крај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.

CATEGORIES
Share This