МВР СО СЕРИОЗНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Ако го видите ова во небо, веднаш приземјете го дронот
Особено опасно е кога полициските хеликоптери гасат пожари, а МВР предупредува дека непочитувањето на правилата може да има сериозни последици.

Министерството за внатрешни работи упати сериозно предупредување до граѓаните и операторите на дронови да не управуваат со беспилотни летала во близина на полициски хеликоптери, особено за време на интервенции за гасење пожари.
Од МВР информираат дека поради зголемениот број летачки активности на Одделот за воздухопловни единици, полициските хеликоптери интензивно се користат низ целата држава за гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи.
Поради итноста и природата на овие активности, местото, времето и маршрутите на движење на хеликоптерите не секогаш можат однапред да се предвидат, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни случаи.
Дрон во близина на хеликоптер мора веднаш да се приземји
МВР апелира до операторите, доколку забележат или слушнат полициски хеликоптер во близина, веднаш и без одлагање безбедно да го приземјат дронот.
Посебно е забрането дронот да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да се снима од непосредна близина.
Од Министерството предупредуваат дека дрон во оперативната зона на хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот.
Судирот меѓу дрон и хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување на воздухопловот, губење на контролата и директно загрозување на животите на членовите на екипажот, како и на луѓето и имотот на земја.
Најголем ризик при гасење пожари
Ризикот е особено висок кога полициските хеликоптери се ангажирани во гасење пожари. Тогаш летовите често се изведуваат на мали височини, додека екипажите работат во услови на чад, намалена видливост и турбуленции.
Во такви околности, навременото забележување на мал дрон може да биде исклучително тешко.
Неговото присуство може да доведе и до прекин или одложување на хеликоптерските операции, со што се намалува ефикасноста на гасењето и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
МВР најавува санкции за прекршителите
Од МВР потсетуваат дека операторите на дронови мора да ги исполнуваат сите законски услови, вклучително и да поседуваат потребни одобренија, регистрации и сертификати кога тоа е задолжително.
Тие се должни да ги почитуваат воздухопловните прописи, ограничувањата во воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, како и да ги направат потребните најави и координации кога тоа е предвидено.
МВР најавува дека ќе презема мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на законските обврски може да следуваат прекршочни, а во случаи предвидени со закон и кривични мерки.
Од МВР апелираат сите оператори на дронови да бидат особено внимателни и одговорни, бидејќи безбедноста на екипажите ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите е заедничка одговорност.

