МУЦУНСКИ ИСПРАТИ СИЛНА ПОРАКА Нема луксуз да бидеме пасивни, еве што следува

Европската интеграција, НАТО, економската дипломатија и дијаспората меѓу главните приоритети на новата дипломатска офанзива.

МУЦУНСКИ ИСПРАТИ СИЛНА ПОРАКА Нема луксуз да бидеме пасивни, еве што следува
Фото: Национал

Брзите промени во меѓународното опкружување наметнуваат потреба од модерна, активна и професионална дипломатија која навремено ги препознава предизвиците, ги користи можностите и ги застапува националните интереси. Ова го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на отворањето на Амбасадорскиот совет во Скопје, на кој учествуваа шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата.

На настанот се обрати и министерот за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.

Муцунски посочи дека малите и средните држави не можат да си дозволат пасивност во услови на динамични глобални промени. Според него, потребна е дипломатија која предвидува, отвора нови можности, гради партнерства и со јасен и достоинствен пристап ги штити интересите на државата.

Европската интеграција останува еден од клучните приоритети, при што е неопходно дипломатската мрежа во земјите членки на Европската Унија континуирано да го засилува политичкиот ангажман. Муцунски нагласи дека земјата очекува фер, предвидлив и кредибилен европски процес, заснован на резултати, европски принципи и заемно почитување.

Во тој контекст, тој ја истакна важноста од систематско градење поддршка преку интензивирање на контактите со владите и парламентите, политичките партии, бизнис-заедницата, медиумите, академската заедница и другите релевантни чинители во европските држави.

Во однос на безбедноста, Муцунски оцени дека НАТО останува темел на националната безбедност. Државата, како кредибилен сојузник, ќе продолжи да придонесува кон колективната одбрана, трансатлантското партнерство и стабилноста на регионот. Паралелно ќе се продлабочуваат односите со стратешките партнери, регионалната соработка и конструктивните односи со соседите.

Значајно место во приоритетите зазема и економската дипломатија. Целта е дипломатско-конзуларните претставништва да придонесат кон остварување на поконкретни економски резултати преку привлекување нови инвестиции, зголемување на извозот, отворање нови пазари и создавање партнерства и можности за домашните компании и граѓаните.

Муцунски се осврна и на модернизацијата на конзуларните услуги и дигитализацијата, како и на унапредувањето на односите со дијаспората. Тој ја оцени дијаспората како значаен човечки, економски и интелектуален потенцијал и посочи дека треба да се создаваат механизми што ќе овозможат успешните граѓани во странство полесно да инвестираат, да споделуваат знаење, да воспоставуваат контакти и да придонесуваат кон развојот на државата.

Според Муцунски, целта на Амбасадорскиот совет е досегашното искуство на дипломатската мрежа да се преточи во подобра координација, поголема иницијативност и мерливи резултати.

„Силната дипломатија не се мери според бројот на средби што сме ги одржале, престолнините што сме ги посетиле или документите што сме ги потпишале. Таа се мери според интересите што сме ги заштитиле, партнерствата што сме ги изградиле, вратите што сме ги отвориле, инвестициите што сме ги донеле и можностите што сме ги создале за нашата држава и за нашите граѓани“, порача Муцунски.

https://nacionalno.mk/mucunski-gi-otkri-3-te-kluchni-zadachi-za-makedonskata-diplomati-a-eve-shto-e-se-menuva/

CATEGORIES
Share This