РЕКОРД НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТИШТА Над 31 милион евра се слеале од патарини за само 6 месеци

Тетово најфреквентна, но Романовце носи најмногу пари – приходите веќе надминаа 1,9 милијарди денари, а се подготвува и нов модел на наплата

РЕКОРД НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТИШТА Над 31 милион евра се слеале од патарини за само 6 месеци
Фото: Национал

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во првите шест месеци од 2026 година остварило рекордни приходи од наплата на патарини. Заклучно со јуни, во државната каса се слеале 1.919.775.277 денари, односно повеќе од 31 милион евра.

Во споредба со истиот период минатата година, приходите се зголемени за 21.891.532 денари.

Најфреквентна наплатна станица во првата половина од годината била Тетово, а по неа следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.

Според остварените приходи и цената на билетите, најголем промет е забележан на наплатната станица Романовце. Следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.

Од ЈПДП информираат дека во периодите со зголемен сообраќај, особено во летната сезона, се активираат сите расположливи ленти на наплатните станици на двата коридора. Истовремено, приоритет се дава и на електронската наплата преку М-Таг и М-Кард.

Електронската наплата во моментов учествува со 36 проценти од вкупниот промет на 11-те наплатни станици каде што е воведена. Од ЈПДП велат дека продажбата и надополнувањето на електронските уреди бележат раст, а електронската наплата е зголемена за шест проценти.

Од мај годинава, М-Таг уредите се достапни и во продажната мрежа на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“. Претходно, тие можеле да се купат само во ЈПДП или на наплатната станица Петровец.

Во ЈПДП се разгледува и можноста за воведување нов модел на наплата по примерот на Србија, односно затворен систем во кој корисниците би плаќале според изминатите километри. За оваа цел веќе се изработува студија за можноста ваков систем да биде воведен на Коридорот 8.

За споредба, во текот на целата 2025 година, заклучно со 23 декември, од наплата на патарини бил остварен промет од 4.158.914.362 денари, односно околу 67,6 милиони евра.

CATEGORIES
Share This