ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА СО ПОДРШКА НА СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ Фашисти и терористи не смеат да имаат свои улици во Македонија
Единствена Македонија ја поддржа иницијативата на Сојузот на борци од Тетово за законска забрана на имиња поврзани со фашизам, нацизам и тероризам.

Единствена Македонија целосно ја поддржува иницијативата на Сојузот на борци од Тетово за законски да се забрани именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти по личности или организации поврзани со фашизам, нацизам и тероризам.
Како партија која во својата основа има јасна определба за заштита на националните интереси, историското наследство и достоинството на македонскиот народ, сметаме дека јавните простори во Македонија не смеат да носат имиња со кои се величаат идеологии и личности што биле противници на слободата, независноста и суверенитетот на Македонија.
Именувањето на улици, плоштади и други јавни објекти не е само административна постапка, туку претставува порака за вредностите што ги почитува државата. Затоа, неприфатливо е имиња поврзани со фашизмот, нацизмот или тероризмот да бидат поставени на јавни места и на тој начин да станат дел од секојдневниот живот и колективното паметење.
Единствена Македонија смета дека барањето на Сојузот на борци од Тетово е оправдано и неопходно. Доколку веќе постојат законски механизми за спречување на регистрација на здруженија и клубови поврзани со фашистички идеологии, тогаш истите принципи мора да важат и при именувањето на јавните објекти.
Особено го поддржуваме барањето при секоја постапка за именување улица, плоштад, мост или друг инфраструктурен објект, покрај согласноста од Владата, да се обезбеди и мислење од надлежната Комисија за имиња. На тој начин ќе се спречат политички, идеолошки или локални влијанија да доведат до рехабилитација и промовирање на личности и организации со фашистичко, нацистичко или терористичко минато.
Единствена Македонија повикува сите политички партии и пратенички групи да ја поддржат иницијативата и без политички калкулации да пристапат кон законско регулирање на ова прашање.
Македонија мора да го почитува своето антифашистичко наследство и да го штити својот национален идентитет и достоинство. Улиците, плоштадите и јавните објекти во Македонија треба да носат имиња со кои ќе се гордеат идните генерации, а не имиња на фашисти, нацисти и терористи.
Единствена Македонија ја поздравува иницијативата на Сојузот на борци од Тетово и ќе ја поддржи секоја законска иницијатива што има за цел да спречи величење на фашизмот, нацизмот и тероризмот на територијата на Република Македонија.

