МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌА НА ЕВРОВИЗИЈА – МРТ најави голема промена за настапот во 2027 година

По пауза од 2022 година, Македонија повторно ќе има свој претставник, а овојпат изборот на песната и изведувачот ќе биде поинаков.

МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌА НА ЕВРОВИЗИЈА – МРТ најави голема промена за настапот во 2027 година
Фото: Принтскрин

По пауза од пет години, Македонија повторно ќе има свој претставник на Изборот за песна на Евровизија. Земјата се враќа на најголемиот европски музички натпревар во 2027 година, кога натпреварот ќе се одржи во Бургас, Бугарија.

Враќањето го потврди директорот на Македонската радио-телевизија (МРТ), Зоран Ристоски, кој најави и нов пристап при изборот на македонската песна и претставник.

Последниот настап на Македонија беше во 2022 година во Торино, Италија, кога Андреа Коевска ја претставуваше земјата со песната „Circles“. Македонската претставничка тогаш не успеа да обезбеди пласман во финалето.

Досега Македонија има настапено 19 пати на Евровизија. Најголемиот успех го постигна во 2019 година, кога Тамара Тодевска со песната „Proud“ го освои седмото место во генералниот пласман, а беше прва според гласовите од националните жирија. Автори на музиката беа Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветковски, додека текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска.

Поради послабите резултати во претходните години, но и финансиските предизвици, Македонија од 2023 година не учествуваше на натпреварот. МРТ, како носител на лиценцата за учество, претходно најави дека враќањето ќе биде подготвено како „квалитетен производ и јасна концепција“.

Според Ристоски, МРТ веќе разговарала со претставници на Европскиот радиодифузен сојуз (ЕБУ), од каде што била добиена поддршка за враќањето на Македонија. Најавена е и можност ЕБУ да помогне во промоцијата на македонските културни вредности и претставувањето на земјата на натпреварот.

Сè уште не е познато на кој начин ќе биде избран македонскиот претставник. МРТ најавува поинаков модел, но не е прецизирано дали изборот ќе биде преку интерен конкурс или преку фестивалски формат, по примерот на некогашниот „Скопски фестивал“. Деталите за процедурата и за потенцијалниот претставник допрва треба да бидат објавени.

Првиот македонски претставник на Евровизија беше Владо Јаневски, кој во 1998 година настапи во Бирмингем, Велика Британија, со „Не зори, зоро“. Со неговиот настап македонскиот јазик првпат се слушна на најголемата европска музичка сцена, пред телевизиска публика ширум светот.

Песната на Јаневски и денес има посебно место меѓу македонските евровизиски настапи и редовно предизвикува позитивни реакции на неговите концерти, но и кај бројните фанови на Евровизија.

CATEGORIES
Share This