КРАЈОТ НА ЕДНА ЕРА Кристијано Роналдо откри – Ова е веројатно мојата последна година
Роналдо е на само 24 гола од магичната граница од 1.000 и сака да замине од фудбалот со спектакуларно наследство

Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо откри дека претстојната сезона би можела да биде последна во неговата блескава кариера.
Еден од најдобрите фудбалери во историјата, кој неодамна ги започна подготовките со Ал Наср, во новата сезона ќе има уште една голема цел и да стигне до неверојатните 1.000 голови во кариерата. Во моментов, Роналдо има 976 погодоци.
Ал Наср во новата сезона ќе го предводи тренерот Ангелос Постекоглу, а клубот ќе се обиде да ги одбрани трофеите во Саудиска Арабија и во Азиската Лига на шампиони.
Сепак, најголемото внимание е насочено кон Роналдо и неговата можна последна сезона. Во интервју за „Вог“, Португалецот отворено зборуваше за својата иднина и призна дека пензионирањето би можело да дојде следното лето.
„Ова е веројатно мојата последна година во фудбалот и сакам да си заминам со спектакуларно наследство. Ја имам исцртано мојата иднина. Имам многу работи што ме окупираат, а да кажам една е многу тешко“, изјави Роналдо.
Тој призна дека животот по фудбалот ќе биде голема промена, бидејќи спортот со години бил центарот на неговиот живот.
„Фудбалот може да ве остави со голема празнина и мора да ја пополните на многу начини, не само на еден“, додаде португалскиот ас.
Роналдо откри и дека по завршувањето на кариерата сака да има повеќе време за себе, за патувања и за активности во кои ужива.
„Сакам повеќе да се забавувам, да патувам, да гледам и да играм падел, што многу го сакам, и да продолжам да уживам во она што го заработив и она што го заработивме. Бидејќи, во текот на 25 години, имаше многу жртви“, рече Роналдо.
Доколку навистина се пензионира по претстојната сезона, Роналдо би можел да стави крај на кариерата со едно од најголемите достигнувања во историјата на фудбалот – достигнување на границата од 1.000 голови.

