ДЗР ЈА ПРОЧЕШЛА КОМИСИЈАТА ЗА КОНКУРЕНЦИЈА Пронајдени сериозни пропусти во работењето

Ревизорите утврдиле неусогласена евиденција, недостиг на единствена евиденција за изречени глоби и слабости во јавните набавки, а Комисијата не работела ниту во полн состав.

ДЗР ЈА ПРОЧЕШЛА КОМИСИЈАТА ЗА КОНКУРЕНЦИЈА Пронајдени сериозни пропусти во работењето
Фото: Национал

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година.

Со ревизијата, која се однесува на сметката на основен буџет (637), ДЗР изразил мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на работењето со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Од ДЗР посочуваат дека не била извршена ревизија, ниту бил издаден извештај за годините што ѝ претходат на 2024 година. Ревизијата утврдила дека материјалната и сметководствената евиденција не се усогласени поради тоа што во пописните листи недостасуваат вредносни показатели.

Дополнително, Комисијата не презела мерки за заштита на имотот преку осигурување, а утврдено е и отсуство на единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби. Забележани се и слабости во содржината на тендерската документација и техничките спецификации во дел од постапките за јавни набавки.

За надминување на утврдените состојби, ревизијата дала препораки до одговорните лица во Комисијата за преземање конкретни мерки и активности со цел подобрување на работењето. Во текот на ревизијата, одговорните лица во Комисијата ги прифатиле корекциите предложени од ДЗР, со кои е утврдено зголемување на активата и пасивата за вкупно 13,101 милиони денари.

ДЗР, исто така, посочува дека Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2024 година не работела во полн состав. Одговорното лице во Комисијата доставило забелешка на воведот на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешката била разгледана од ДЗР, при што било утврдено дека таа се однесува на известување за дополнителна надлежност на Комисијата.

CATEGORIES
Share This