ФУДБАЛ + ШОУ Полувремето во финалето на СП ќе трае 25 минути поради спектаклот на ФИФА
Мадона, Бибер, БТС и други светски ѕвезди се очекуваат на сцената во Њу Џерси за најголемото фудбалско финале.

Финалето на Светското фудбалско првенство ќе донесе не само борба за трофејот, туку и голем музички спектакл. Поради планираното шоу на полувремето, паузата меѓу двете полувремиња ќе биде продолжена и може да трае од 20 до 25 минути.
Според информации од извори блиски до ФИФА, најверојатно паузата ќе биде околу 20 минути, иако постоела можност да се задржи стандардната пауза од 15 минути, а потоа дополнително да следи 11-минутен музички настап.
На сцената се очекуваат големи музички имиња, меѓу кои Мадона, Џастин Бибер, Шакира и корејскиот популарен бенд „Би-Ти-Ес“. Сепак, ФИФА официјално сè уште не ја потврди Шакира во програмата, иако пејачката претходно најавуваше дека ќе биде дел од завршниот спектакл.
Според правилата на Одборот на ФИФА, фудбалерите имаат право на пауза која не смее да трае подолго од 15 минути. Сепак, организаторите веќе имаат искуство со продолжени паузи и на минатогодишното Светско клупско првенство полувремето траеше 24 минути поради настапите на „Колдплеј“, Доџа Кет и други изведувачи.
Финалето ќе се одигра на 19 јули од 21 часот по средноевропско време на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси. Пред почетокот на натпреварот, од 19:30 часот, ќе се одржи церемонијата на затворање со учество на бројни светски ѕвезди.
ФИФА потврди дека на завршната церемонија ќе настапат Роби Вилијамс, Никол Шерцингер и Лаура Паузини, додека Џенифер Хадсон ќе ја изведе американската национална химна. Дел од програмата ќе биде и популарниот јутјубер IShowSpeed, чија песна „Champions“ се наоѓа на официјалниот албум на Светското првенство.
Посебно внимание привлече и најавеното учество на Том Круз, иако сè уште не е откриено каква улога ќе има холивудскиот актер во церемонијата.
Оперативниот директор на Мундијалот, Хајмо Шриги, најави дека целта на завршната церемонија е да ги обедини спортот, музиката и културата и да биде големо финале на турнирот. Организаторите ги повикаа навивачите да пристигнат на стадионот најмалку четири часа пред почетокот на мечот поради богатата програма.
Ова финале ќе биде историско бидејќи ќе го затвори првото Светско првенство со 48 репрезентации. Турнирот го организираа САД, Канада и Мексико, а шампионот ќе биде познат по дуелите меѓу најдобрите селекции од полуфиналните пресметки.


