УКРАИНА СТАНУВА ДРОН-СИЛА НА ЕВРОПА Фон дер Лајен од Киев објави нов воен договор
ЕУ и Киев ќе ги здружат украинските воени иновации и европските фабрики за производство на беспилотни летала.

Украина и Европската Унија денеска постигнаа договор за соработка во областа на одбранбената индустрија, кој се однесува на развој и производство на беспилотни летала и системи против дронови. Договорот, наречен „Договор за дронови“, го објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Киев.
Говорејќи на церемонијата по повод Националниот ден на Украина, фон дер Лајен истакна дека украинското искуство стекнато во војната ја претворило земјата од корисник на безбедносни технологии во важен партнер и снабдувач на одбранбени решенија за Европа.
„Во многу аспекти, Украина се претвори од клиент во снабдувач на безбедност за Европа. Затоа денес започнуваме ново партнерство меѓу Европската Унија и Украина во областа на одбранбената индустрија“, изјави таа.
Според претседателката на Европската комисија, Украина располага со уникатно борбено искуство во развојот, тестирањето и употребата на беспилотни системи, што може да биде од големо значење за европската безбедност.
Фон дер Лајен нагласи дека војната покажала колку е важно земјите да располагаат со модерни технологии и опрема што се проверени во реални борбени услови.
„Во Европа веќе постои голем технолошки и индустриски потенцијал кој може да се искористи, а имаме и сигурни производствени капацитети што можат да помогнат во зголемувањето на производството“, посочи таа.
Таа додаде дека преку новото партнерство ќе се поврзат украинските иновации со европските индустриски можности, оценувајќи дека ова е вистински момент за инвестиции во Украина и за зајакнување на заедничката европска безбедност.
За договорот за беспилотни летала и европската интеграција на Украина, фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа и за време на средбата во Анкара на 8 јули.
Посетата на Киев е 11-та посета на фон дер Лајен на Украина од почетокот на руско-украинскиот конфликт.


