БУРА ЗА ВОДНО – ДУП за Барутана отвора пат за 25 нови објекти на ерозивно подрачје
Со Нацрт-ДУП за Барутана се предвидуваат 25 нови објекти, од кои 24 индивидуални куќи, што предизвика остри реакции кај граѓанските активисти.

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ реагираше по усвојувањето на Нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) за населбата Барутана, оценувајќи дека предложените решенија овозможуваат нова изградба на падините на Водно, во подрачје кое, според нивните тврдења, е означено како ерозивно.
Од иницијативата наведуваат дека советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го поддржале планот, со кој е предвидена изградба на вкупно 25 нови објекти, од кои 24 се индивидуални станбени куќи.
Според „Шанса за Центар“, дополнителната урбанизација на овој простор може да предизвика сериозни последици врз животната средина и безбедноста на граѓаните. Тие предупредуваат дека градењето на шумските падини би можело да го зголеми ризикот од ерозија, свлечишта и поројни поплави.
Во својата реакција, „Шанса за Центар“ нагласува дека Водно има значајна улога во природната заштита на Скопје од ерозивни процеси и други природни непогоди, поради што апелира да не се дозволи понатамошна урбанизација на шумските површини.
Од иницијативата додаваат дека јавниот интерес и безбедноста на граѓаните треба да бидат приоритет при носењето урбанистички планови и најавуваат дека ќе продолжат да се спротивставуваат на, како што велат, прекумерната урбанизација на Водно.


