ХАОС ВО СОБРАНИЕТО Навреди, турканици и закани за тепачка, Мицкоски се извини, опозицијата ја напушти седницата
Жестоки навреди, турканици и меѓусебни обвинувања ја одбележаа седницата за избор на осум нови министри. По инцидентите, Мицкоски се извини, додека СДСМ, ДУИ и дел од опозициските пратеници ја напуштија пленарната сала.

Собраниската седница за реконструкција на Владата, на која беа избрани осум нови министри, беше обележана со остри навреди, вербални судири и инциденти што за малку не прераснаа во физичка пресметка. Во центарот на случувањата се најдоа премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, поради што СДСМ и ДУИ побараа политичка одговорност и санкции.
Тензиите започнаа по говорите на пратениците на СДСМ, Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески. Трајчулески оцени дека дел од предложените министри се поврзуваат со концептите „српски свет“ и „руски свет“, посочувајќи го Стоилковиќ како иден министер за локална самоуправа и Борче Серафимовски поради негово учество на настан организиран од фондацијата „Руски мир“.
На ова реагираше премиерот Мицкоски, кој ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со, како што рече, наводите за „српски свет“ и го обвини СДСМ за двојни аршини во односите со Стоилковиќ додека биле на власт.
„Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Е, оваа влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате нему и на Владата што ја предводам јас“ рече Мицкоски.
Во текот на расправата Мицкоски го нарече Трајчулески „паљур на фамилијата од Струмица“, а за Битиќи рече дека е „фрустриран мизоген лик“ кој својата етничка припадност ја користи за да ги прикрие сопствените слабости.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше дека се надминати сите граници на пристојност и побара претседателот на Собранието Африм Гаши да интервенира. Опозицијата оцени дека Гаши не го санкционирал однесувањето на премиерот, иако, според нив, бил должен да го зачува редот и достоинството на законодавниот дом.
Според тврдењата на СДСМ и ДУИ, за време на една од паузите Иван Стоилковиќ вербално ги нападнал Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески, при што дошло до турканици и закани, а други пратеници интервенирале за да спречат физичка пресметка. Пратениците на ДУИ побараа извинување и од Гаши и од Стоилковиќ.
На една од паузите се случил нов инцидент во Клубот на пратениците. Таму пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли кога видела дека и Стоилковиќ е таму, побарала тој да излезе. Стоилковиќ ѝ рекол да „шета во Дебар“ и тогаш рипнал пратеникот Талат Џафери, но други пратеници од ДУИ и од СДСМ се стрчале за да не дојде до тепачка.
Во пленарната сала, пак, пратеникот на Алијанса за Албанците Ријад Шаќири од говорница рече дека како резултат на инцидентот во Собранието со Стоилковиќ, реагирале во согласност со неговото однесување и дека го бранеле достоинството на институцијата.
„Секоја провокација или изјава што ги нарушува вредностите на соживот и меѓусебното почитување, ќе добие заслужен политички и институционален одговор од наша страна. Нема да толерираме провокации. Ти си целосен идиот. Ти си идиот на квадрат“ – му рече Шаќири на Стоилковиќ.
По неуспешните барања за извинување од Стоилковиќ, како и од претседателот на Собранието, пратениците на СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Албанска лига ја напуштија седницата. Премиерот Мицкоски подоцна им се извини на пратениците и на јавноста за случувањата, но тоа го направи откако опозицијата веќе не беше присутна во салата.
Во објава на Фејсбук, Иван Стоилковиќ не се извини за инцидентите. Наместо тоа, обвини дека СДСМ и ДУИ водат политичка пресметка со Србите во Македонија и користат, како што наведе, „фашистичка реторика“. Тој оцени дека опозицијата поттикнува омраза, дискриминација и ксенофобија и најави дека за тоа ќе следува институционална реакција.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека реконструкцијата на Владата нема да донесе решенија за граѓаните и го обвини премиерот дека со навреди и конфликти се обидува да го одвлече вниманието од, како што рече, неуспесите на Владата. ДУИ, пак, соопшти дека вербалниот напад врз пратеничката Арбана Пашоли претставува навреда кон сите албански жени и побара политичка одговорност.
И покрај инцидентите, Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата. За нови министри беа избрани:
- Јетон Шасивари – министер за правда;
- Борче Серафимовски – министер за земјоделство;
- Агон Ферати – министер за односи меѓу заедниците;
- Сашо Клековски – министер за здравство;
- Седат Сулејмани – министер за култура;
- Ѓоко Велковски – министер за социјална политика;
- Иван Стоилковиќ – министер за локална самоуправа;
- Ерџан Демир – министер без ресор.
Реконструкцијата на Владата, наместо по кадровските промени, остана запаметена по жестоките политички судири, меѓусебните навреди и барањата за политичка и институционална одговорност.


