ПАДНА ПРЕСУДАТА ЗА ТАЛИР 2 Груевски ослободен, Судот ја кажа причината

Основниот кривичен суд Скопје оцени дека обвинителството не докажало вина, а одлуката ја поврза со измените на Кривичниот законик од 2023 година.

ПАДНА ПРЕСУДАТА ЗА ТАЛИР 2 Груевски ослободен, Судот ја кажа причината
Фото: Принтскрин

Основниот кривичен суд Скопје го ослободи поранешниот премиер Никола Груевски од обвинението во предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на наводно пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Судијката Даниела Алексовска при објавувањето на пресудата посочи дека одлуката е донесена имајќи ги предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои било изменето и обвинението.

„Иако беа направени измени на обвинението, промените во доказите и фактите изнесени пред судот не постоеја. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави Алексовска.

Според Судот, измените на Кривичниот законик биле директно поволни за обвинетиот, а ослободителната пресуда е последица на законските измени кои доведоа и до укинување на претходната првостепена пресуда.

„И покрај тоа што оваа пресуда е различна од претходно донесената, анализата на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останаа непроменети“, нагласи судијката.

Таа додаде дека при истите докази, врз основа на кои претходно било утврдено постоење на дело со искористување на службената положба и овластување, не било докажано дека постои одговорност за поинакви дејствија,  односно пречекорување на овластувањата или неизвршување на службената должност.

Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а трошоците за постапката ќе бидат покриени од државниот буџет.

На објавата на пресудата присуствуваа адвокатите на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, како и претставник на партијата. Пресудата е неправосилна, а странките имаат право на жалба пред повисоките судски инстанци.

Предметот „Талир 2“ во април годинава го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од Основното јавно обвинителство Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска поднесе оставка. Апелацискиот суд Скопје во јануари 2024 година ја укина првостепената пресуда поради измените во Кривичниот законик во делот на членот 353 и предметот го врати на повторно судење.

Во првичната пресуда од 7 јуни 2022 година, Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, доби условна казна.

CATEGORIES
Share This