ОД ОТКАЗ ДО СЕЛЕКТОРСКА ФОТЕЛЈА Неверојатниот пресврт на Арне Слот – Ливерпул ќе заштеди милиони.
Холандскиот стратег е главен фаворит за наследник на Роналд Куман, а договорот со КНВБ може да им донесе корист и на Слот и на Ливерпул.

Ливерпул би можел да оствари големи финансиски заштеди благодарение на договорот кој му отвора пат на Арне Слот да стане нов селектор на Холандија. Холандскиот тренер, кој неодамна го напушти „Енфилд“, се смета за главен фаворит за наследник на Роналд Куман по последните промени во националниот тим, објави „Goal.com“.
Според информациите на холандскиот „Де Телеграф“, Ливерпул му дал зелено светло на Слот да ја преземе селекторската функција, со што клубот ќе може значително да ги намали обврските околу неговиот договор и исплатите за отпремнина.
Слот доби отказ од англискиот гигант пред околу два месеци, но двете страни постигнале договор тој да може да продолжи со работа во Холандската фудбалска асоцијација (КНВБ), без целосно да се откаже од финансиските бенефиции што му следуваат по раскинот на договорот.
Вообичаено, тренерите од највисоко ниво во Премиер-лигата по отказ продолжуваат да бидат на платен список до истекот на договорот или до пронаоѓање нов ангажман. Во случајот со Слот, се очекува Ливерпул да ја покрие разликата во неговата плата во првата година од новиот ангажман, за да биде исполнета гарантираната сума од договорот на „Енфилд“.
Овој потег му одговара на сите страни – КНВБ го добива посакуваниот тренер, Слот ја продолжува кариерата на голема сцена, а Ливерпул ги намалува идните финансиски трошоци.
Ситуацијата е поинаква од некои претходни случаи во англискиот фудбал. Поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед, Луис ван Гал, по отказот од „Олд Трафорд“ одби нов ангажман во период од една година за да ја добие целосната отпремнина од околу 12 милиони евра.
Слот, пак, остана во коректни односи со раководството на Ливерпул, иако беше отпуштен само една сезона откако го предводеше тимот до шампионската титула во Премиер-лигата.
Неговиот тригодишен договор со клубот од „Енфилд“ изнесуваше околу 9 милиони евра по сезона, со дополнителни бонуси поврзани со успехот на тимот. Со вклучена последна година од договорот, вкупната вредност на пакетот се проценува на околу 30 милиони евра.
Холанѓанецот наводно одбил неколку понуди за враќање во клупскиот фудбал. Меѓу нив била и понудата од Фулам, кој го гледал како идеален наследник на Марко Силва.
Сепак, можноста да ја предводи Холандија и да ја спроведе својата фудбалска филозофија на репрезентативно ниво се покажала како попримамлива опција.
КНВБ сака што побрзо да го заврши процесот на назначување, бидејќи Холандија во септември ја очекуваат натпревари во Лигата на нации против Германија и не сака период на неизвесност по заминувањето на Куман.
И покрај послабата втора сезона на „Енфилд“, во која Ливерпул потроши огромни средства, а сезоната ја заврши на петтото место, Слот и понатаму има висока репутација во својата татковина.


