ОД ГРАФИКА ДО ЏЕЗ МАГИЈА Три настани што ќе ја одбележат програмата на ‘Скопско лето’“

Скопје во ритамот на културата: изложби, кино и концерти како дел од фестивалската понуда

ОД ГРАФИКА ДО ЏЕЗ МАГИЈА Три настани што ќе ја одбележат програмата на ‘Скопско лето’“
Фото: Принтскрин

Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, вечерва во Националната галерија на Македонија – објект „Мала станица“, со почеток во 20:30 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на графики „Траги во графиката“ на Виктор Семенпеев.

Изложбата претставува избор на дела во кои линијата, текстурата и отпечатокот се основа на визуелниот израз на авторот. Преку графички техники како длабок печат, сува игла, акватинта и сериграфија, Семенпеев создава сложени композиции што се движат помеѓу апстрактното и асоцијативното.

Неговите дела се карактеризираат со богати слоеви, ритам и суптилни визуелни траги, оставајќи простор за индивидуално доживување и интерпретација од страна на посетителите. Изложбата ја истражува графиката како медиум преку кој се отвораат теми поврзани со меморијата, времето и творечкиот процес, поставувајќи го овој ликовен израз во контекст на современиот уметнички дијалог.

Програмата на „Скопско лето“ продолжува утре со филмската проекција на „Бикини Мун“ во режија на Милчо Манчевски. Проекцијата ќе се одржи во Кинотеката на Македонија со почеток во 20:15 часот. Билетите се достапни преку karti.com.mk.

Истиот ден, со почеток во 20:30 часот, во Музејот на град Скопје ќе се одржи настанот „Трага во времето – 10 години Национален џез оркестар“, кој вклучува документирана изложба и концертен настап по повод јубилејот на оркестарот.

Во рамки на проектот „JAZZ10“ ќе биде претставена визуелна архива посветена на една деценија современ македонски џез, преку фотографии, архивски материјали и приказни за музичарите и настаните што ја обликуваа оваа сцена.

Настанот ја раскажува приказната за развојот на македонскиот џез, неговите концерти, авторски проекти, соработки и уметници кои придонесоа за создавањето на препознатливиот звук и континуитет на сцената.

Влезот за настанот во Музејот на град Скопје е слободен.

CATEGORIES
Share This