ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, сабота, 11 јули 2026 година.

Политички преглед на денот, сабота 11 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Различни изговори на СДС, Левица и ДУИ за блокирање на Изборниот законик, но мотивите исти, намалување на поддршката од граѓаните и стравот од изборен пораз
Секоја една опозициска политичка партија СДС, Левица, ДУИ со свои различни изговори го блокира Изборниот законик. Но, мотив на сите нив е ист, ниските рејтинзи и стравот од изборен пораз. Јавноста е сведок како секоја од нив излегува со различни тези и изговори, како намерно да сакаат да креираат конфузија и збунетост кај граѓаните.
СДС не сака македонската дијаспора на полесен начин да го остварува своето уставно загарантирано право на глас, Левица прво доби повеќе пари, па после се откажа од намерата да го поддржи Изборниот закон. А, ДУИ, пак, отвора нови услови за начинот на носење одлуки во Државната изборна комисија. Сите имаат различни барања и изговори, човек крајот да не може да им го фати.
Овие различни образложенија на опозициските политички партии не се случајни. Тие имаат иста цел, да не се донесе нов реформски Изборен законик и со тоа да се создаде алиби за нивниот се поизвесен поразот на следниот изборен циклус. Зад ваквото однесување и политичко делување на опозицијата стојат партиски калкулации и обид да се прикрие стравот од соочување со граѓаните на следните избори. И тоа е сè поочигледно што не можат да го покријат со ниту едно соопштение, реакција или јавен настап.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцира дека останува доследна на својот став дека ги прифаќа сите барања на опозицијата, само да се запазат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да се олесни и прошири гласањето на дијаспората.
СДСМ: Државата ги продава становите на Груевски за неколку милиони евра, додека тој си ги ужива милијардите во Будимпешта
Додека граѓаните се дават во долгови и се соочуваат со минимална плата од 400 евра, државата повторно се обидува да продаде дел од запленетиот имот на Никола Груевски – човекот кој избега во Унгарија и таму продолжува да живее во луксуз, наместо да ја издржува казната во Идризово. Така изгледа кога криминална организација е на власт.
Се продаваат станови и имот во вредност од неколку милиони евра, додека Груевски и неговото семејство располагаат со имот и средства во вредност од над 2 милијарди евра. Организираната криминална група ВМРО и Христијан Мицкоски како нејзин шеф и денес го слават Груевски. Не бараат негова екстрадиција, ниту ја осудуваат неговата политика на страв и системска кражба на државата. Месеци наназад нема одговор на прашањето дали се испратени документите за негово испорачување.
Наместо тоа, Мицкоски продолжува по стапките на својот ментор – носи скапи часовници, купува владини авиони и ја одржува културата на недопирливост и лично богатење на грбот на граѓаните. Се сеќаваме на Мерцедесот од 650.000 евра, наочарите од 60.000 евра и луксузот во кој пловеше Груевски. Денес истото го гледаме и кај Мицкоски, само во понова и поагресивна верзија. Ова не е минато. Ова е сегашноста на ВМРО-ОКГ.
Додека народот се бори да преживее, криминалците од минатото и нивните наследници и понатаму се движат слободно. Имотот на Груевски во Македонија е само ситница. Вистинската сума од над две милијарди евра се наоѓа надвор од земјата. Наместо Груевски да биде испорачан и да одговара за изгубените години на цела генерација Македонци, да се конфискува тој имот и тие пари, Владата продава само неколку станови. Така изгледа правдата со Мицкоски и неговата банда.
Народот не заборава. И не простува. Наскоро доаѓа време за отчетност. Наскоро доаѓа време за правда. Наскоро државата повторно ќе им припадне на граѓаните. Фронтот за вистина и правда ќе се погрижи да одговара не само Груевски, туку и сите негови ученици и продолжувачи на неговото дело.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Додека се караат пред камери, зад сцена си делат милиони од Буџетот
На сцената граѓаните гледаат кавга меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ЛЕВИЦА и ЗНАМ, но, зад кулисите се постигнува договор кој ги фаворизира овие партии и создава нерамноправни услови за останатите учесници во изборната трка.
Според предлог-моделот за финансирање на 20-дневната изборна кампања за вонредните парламентарни избори во 2027 година, веќе се договорија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН да добијат по околу 800.000 евра, додека Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра.
Во исто време, вонпарламентарните партии незаконски би биле ставени во иста категорија со независните листи, иако, според Единствена Македонија, станува збор за различни субјекти со различен статус во изборниот процес.
„Ова не е демократска конкуренција, туку создавање привилегирана политичка елита која со државни пари си обезбедува предност пред останатите учесници на изборите“, велат од Единствена Македонија.
Од партијата предупредуваат дека ваквиот модел директно ја ограничува можноста вонпарламентарни партии да ги претстават своите програми пред граѓаните, бидејќи финансиските услови стануваат клучен фактор во изборната кампања.
„Како една партија со 0 денари државно финансирање да се натпреварува со оние кои добиваат стотици илјади евра од парите на граѓаните?“, прашуваат од Единствена Македонија.
Како решение, партијата предлага или целосно еднакво државно финансирање за сите партии кои учествуваат на изборите, или целосно укинување на државното финансирање на изборните кампањи.
„Пари за избори – за сите или за никој. Нема демократија без еднакви услови“, порача Единствена Македонија.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


