ИСТОРИСКО БАРАЊЕ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА Бараат загарантирано место во Парламентот

МАЕИ и уште две партии на националните малцинства бараат загарантирано парламентарно претставување, јавно финансирање и измени на изборниот закон во Албанија.

ИСТОРИСКО БАРАЊЕ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА Бараат загарантирано место во Парламентот
Фото: Принтскрин

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Алијансата за еднаквост и европска правда и Партијата за европеизација и интеграција на Албанија доставија заедничко барање со препораки до Специјалната парламентарна комисија за изборна реформа, барајќи суштински измени на изборното законодавство со цел обезбедување поефикасно политичко претставување на националните малцинства.

Документот е испратен и до Народниот правобранител, Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Мисијата на ОБСЕ и Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана.

Партиите, кои ги претставуваат македонското, влашкото, египќанското и ромското национално малцинство, сметаат дека изборната реформа треба да предвиди јавно финансирање на изборните кампањи, како и редовно годишно финансирање на политичките партии на националните малцинства. Според нив, ваквата поддршка е неопходна за да можат рамноправно да учествуваат во политичкиот живот и во изборните процеси, бидејќи во моментов се наоѓаат во понеповолна положба во однос на другите политички субјекти.

Во препораките се бара и воведување загарантирано парламентарно претставување на националните малцинства во Собранието на Република Албанија. Потписниците оценуваат дека актуелниот регионален пропорционален изборен систем не ја одразува реалната распределба на малцинските заедници, кои живеат низ целата држава, а не се концентрирани во одделни изборни единици. Поради тоа, велат тие, сегашниот модел практично го оневозможува нивното ефективно претставување во Парламентот.

Како позитивни примери ги посочуваат Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Германија, Полска, Белгија и Косово, каде што веќе постојат механизми за загарантирано парламентарно претставување на националните малцинства. Според нив, ваквите модели придонесуваат за поголема демократија, политичка инклузивност и институционална стабилност.

Во документот се наведува дека ефективното парламентарно претставување на националните малцинства не е само прашање на демократска еднаквост, туку и меѓународна обврска што произлегува од Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства. Притоа се повикуваат и на Петтото мислење за Албанија, усвоено во 2023 година од Советодавниот комитет на Конвенцијата, во кое се препорачува земјата да преземе позитивни мерки за обезбедување ефективно претставување на националните малцинства во парламентот.

Потписниците изразуваат уверување дека прифаќањето на нивните предлози ќе ја доближи Албанија до европските демократски стандарди во областа на заштитата на правата на националните малцинства и ќе придонесе за поинклузивна демократија, поголем политички плурализам, еднаквост и почитување на културната разновидност.

На крајот, тие ги повикуваат албанските институции и меѓународните партнери внимателно да ги разгледаат препораките при подготовката на измените на изборното законодавство, со цел да се обезбеди вистинско и ефективно учество на националните малцинства во политичкиот живот на Република Албанија.

CATEGORIES
TAGS
Share This