ДИЈАСПОРАТА ГО ЗАПАЛИ ПОЛИТИЧКИОТ РИНГ Мицкоски и Филипче со нова жестока пресметка

Филипче бара повлекување на спорниот член и експертска дебата, Мицкоски порача дека опозицијата може да предложи решение кое власта ќе го прифати.

ДИЈАСПОРАТА ГО ЗАПАЛИ ПОЛИТИЧКИОТ РИНГ Мицкоски и Филипче со нова жестока пресметка
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче денеска повторно излегоа со спротивставени позиции за измените на Изборниот законик, особено околу предложениот начин на гласање на македонската дијаспора.

Филипче оцени дека СДСМ ја поддржува европската агенда и подобрувањето на изборните процеси, но предупреди дека не смее да се дозволи можност за изборни злоупотреби. Тој побара повлекување на спорниот член кој се однесува на гласањето на дијаспората и формирање работна група која би ги разгледала најдобрите решенија според европските искуства.

„Се согласуваме дека треба да им се олесни гласањето на граѓаните во дијаспората, но не со модели кои досега не се применувале во Европа. Треба преку стручна дебата и анализа на примерите од другите земји да се утврди дали и на кој начин треба да се промени системот“, изјави Филипче.

Од друга страна, Мицкоски ги повика опозициските партии да достават конкретни предлози за измените на Изборниот законик, уверувајќи дека Владата ќе ги прифати доколку бидат прифатливи. Според него, формирањето нови комисии и работни групи често се користи како начин за одложување на решенијата. Тој потсети дека опозицијата со месеци учествувала во подготовката на измените, но потоа, како што рече, заедно со Левица го блокирала процесот.

Мицкоски оцени дека причините за отпорот кон гласањето на дијаспората се политички и обвини дека опозицијата е загрижена од резултатите на идните избори.

„Ако сакате нешто да не се заврши, тогаш формирајте група или комисија. Ние побаравме опозицијата да предложи решение и методологија за поголемо учество на дијаспората, но тоа не се случи“, рече премиерот.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со подготовките за идните изборни процеси и ги отфрли обвинувањата дека предложените измени би можеле да доведат до злоупотреби.

CATEGORIES
Share This