ЕУ ИМ ОТВОРА ВРАТИ НА ДРУГИТЕ, МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА НАДВОР Филипче со жесток напад врз Мицкоски
Филипче тврди дека Македонија заостанува зад регионот, додека ЕУ го забрзува процесот на проширување со други кандидати.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека Македонија е тргната настрана од европската агенда поради политиките на премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека ЕУ продолжува со процесот на проширување со Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија, додека Македонија, според него, стагнира.
„Ние сме заложници на немоќта на Владата да изгради стратегија за членство во ЕУ. Политичката изолација носи економски последици и ризикуваме да останеме последни во регионот“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ предупреди и на можни негативни последици врз инвестициите, платите и економскиот развој доколку земјата остане надвор од европските процеси.
Во однос на измените на Изборниот законик, Филипче рече дека СДСМ ја поддржува европската агенда, но се противи на предложениот модел за гласање на дијаспората поради можноста за злоупотреби. Тој предложи формирање експертска група која би анализирала дали и како треба да се промени начинот на гласање во странство, вклучително и можноста за електронско гласање или гласање по пошта.
„Не блокираме без причина, но нема да дозволиме механизми што можат да ја доведат во прашање легитимноста на изборите“, порача Филипче.


