ДРАМА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС Шпанија ја урна Белгија со гол во 88. минута и оди на мегадуел со Франција
Црвената фурија“ славеше со 2:1 благодарение на погодокот на Микел Мерино во самиот финиш и обезбеди полуфинална пресметка со Франција.

Шпанија е вториот полуфиналист на Светското првенство, откако во возбудлив четвртфинален дуел во Лос Анџелес ја совлада Белгија со 2:1. Со оваа победа, Шпанците обезбедија пресметка со Франција за место во големото финале.
„Црвената фурија“ поведе во 30. минута преку Фабијан Руиз, кој најдобро реагираше по одбиената топка од ударот на Дани Олмо и ја затресе мрежата за 1:0. Белгија не се предаде и пред крајот на првото полувреме израмни. Тимоти Кастање упати одличен центаршут, а Шарл де Кетеларе со глава го совлада Унаи Симон за 1:1.
Во продолжението Шпанија имаше поголема иницијатива и создаде повеќе прилики, додека Белгија се обидуваше преку брзи контранапади. Дополнителен проблем за Белгијците беше повредата на голманот Тибо Куртоа во 71. минута, по што на теренот влезе Сене Ламенс.
Кога се очекуваше натпреварот да влезе во продолженија, Шпанија го зададе решавачкиот удар. Пау Кубарси во 88. минута упати удар од далечина, Ламенс не успеа сигурно да интервенира, а Микел Мерино ја искористи шансата и ја смести топката во мрежата за конечни 2:1.
За Мерино ова беше втор последователен натпревар во нокаут-фазата на кој постигнува победнички погодок.
Во полуфиналето Шпанија ќе се соочи со Франција, која претходно го елиминираше Мароко.


