ЉУТКОВ НАЈАВИ НОВА ФАЗА По договорот со ТУРКСОЈ следуваат конкретни проекти
Министерот за култура и туризам и генералниот секретар на ТУРКСОЈ се согласија дека потпишаниот меморандум треба да прерасне во конкретни активности за културна размена, промоција на културното наследство и зајакнување на меѓународната соработка.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се сретна со генералниот секретар на Меѓународната организација за турска култура ТУРКСОЈ (TURKSOY), Султан Раев, при што двајцата соговорници ја потврдија заложбата за унапредување на културната соработка преку конкретни заеднички проекти.
На средбата, министерот Љутков му се заблагодари на Раев за гостопримството за време на неговата неодамнешна посета на Анкара и изрази задоволство што генералниот секретар има можност да ја посети Македонија и да се запознае со Скопје, како и со Охрид – еден од најзначајните културно-историски центри на Балканот.
Осврнувајќи се на потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу Министерството и ТУРКСОЈ, Љутков нагласи дека следниот чекор треба да биде негова практична имплементација. Според него, документот не треба да остане само формална рамка, туку да биде основа за реализација на конкретни иницијативи и проекти од заемен интерес.
Од своја страна, Раев се заблагодари за топлиот прием и ја претстави работата на ТУРКСОЈ, организација која обединува шест земји-членки и осум држави со статус на набљудувачи. Тој истакна дека организацијата во изминатиот период потпишала меморандуми со повеќе држави со цел унапредување на меѓународната културна соработка.
Генералниот секретар посебно потенцираше дека иницијативата за потпишување договор со Македонија, започната уште во 2018 година, конечно е реализирана за време на мандатот на министерот Љутков. Притоа, му изрази благодарност за неговиот личен ангажман во процесот на усогласување и потпишување на документот.
На крајот од средбата, двајцата соговорници оценија дека партнерството меѓу Министерството за култура и туризам и ТУРКСОЈ отвора можности за интензивирање на културната размена, заедничка промоција на културното наследство и реализација на проекти што ќе придонесат за продлабочување на меѓународната соработка во областа на културата.


