59 РАЦЕ ВО СОБРАНИЕТО Мицкоски доби нов сојузник, владејачката коалиција расте

Демократската партија на Турците на Македонија потпиша договор за политичко партнерство со ВМРО-ДПМНЕ, со што мнозинството „Твоја Македонија“ добива нова поддршка.

59 РАЦЕ ВО СОБРАНИЕТО Мицкоски доби нов сојузник, владејачката коалиција расте
Фото: Принтскрин

Парламентарното мнозинство предводено од коалицијата „Твоја Македонија“ доби ново засилување и сега брои 59 пратеници, откако Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) потпиша договор за политичко партнерство со ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека договорот претставува важен чекор кон дополнително зацврстување на парламентарното мнозинство и политичката стабилност, кои според него се клучни за спроведување на реформите и реализација на владините проекти.

„Ова партнерство испраќа јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека соработката со ДПТМ е заснована врз доверба, заемно почитување и заедничка определба за работа во интерес на сите граѓани. Според Мицкоски, турската заедница е значаен дел од македонското општество и нејзиниот придонес во развојот на државата е долгогодишен.

„Нашата соработка покажува дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а различностите можат да бидат наша предност“, рече тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека новото партнерство не треба да се гледа како политичка привилегија, туку како дополнителна одговорност кон граѓаните.

„Колку е поголема довербата што ја добиваме, толку е поголема и нашата обврска да испорачаме резултати“, нагласи Мицкоски.

Тој се осврна и на состојбата во опозицијата, оценувајќи дека на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција, бидејќи тоа е важно за демократијата. Со приклучувањето на ДПТМ, пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието достигнува 59 пратеници. Мицкоски порача дека целта не е само изборна победа, туку создавање политичка сила која ќе обединува граѓани околу развојот на државата, економскиот напредок, владеењето на правото и подобар живот за сите.

„Силна држава се гради тогаш кога политиката создава партнерства, а не нови поделби“, истакна премиерот.

Тој додава дека владејачката коалиција продолжува со работа со уште поголема одговорност и посветеност.

CATEGORIES
Share This