ТЕНЗИЧНО ВО БУДИМПЕШТА Илјадници излегоа против Петер Маѓар, бараат негова оставка

Спорот околу предлогот за уставни измени и смена на претседателот Тамаш Шујок предизвика нова политичка пресметка во Унгарија.

ТЕНЗИЧНО ВО БУДИМПЕШТА Илјадници излегоа против Петер Маѓар, бараат негова оставка
Фото: Принтскрин

Неколку илјади граѓани се собраа во Будимпешта на протест организиран од опозициските партии Фидес – Унгарска граѓанска унија и Христијанско-демократската народна партија, изразувајќи поддршка за претседателот Тамаш Шујок и несогласување со политиките на Петер Маѓар.

Причина за протестот беше предлогот на Маѓар за измени на Уставот, со кои, според неговите најави, би се овозможила оставка на претседателот на државата и промени во врвот на институциите. Демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Шујок, носејќи унгарски знамиња и транспаренти со пораки против лидерот на партијата Тиса.

На протестот беа упатени остри критики кон Маѓар, а дел од присутните побараа тој да се повлече од политичката сцена и изразија поддршка за поранешниот премиер Виктор Орбан.

Поранешниот претседател на Унгарија Јанош Адер предупреди дека евентуалната смена на Шујок би можела да влијае врз угледот и улогата на претседателската функција.

Орбан претходно го обвини Маѓар за авторитарни тенденции, оценувајќи дека неговите иницијативи за промена на законите и отстранување на Шујок од функцијата претставуваат нарушување на унгарскиот Устав.

Маѓар претходно побара Шујок да поднесе оставка, а најави и дека ќе преземе чекори за смена на претседателот и други високи функционери доколку тие доброволно не се повлечат. Шујок го одби барањето, оценувајќи дека обвинувањата против него се политички и субјективни, а за мислење се обрати и до Венецијанската комисија при Советот на Европа.

CATEGORIES
TAGS
Share This