МАРТА КОС ДОЈДЕ ВО СКОПЈЕ И ГИ ПРЕСКОКНА ФИЛИПЧЕ И АХМЕТИ Брисел испраќа ли порака

Необичниот дипломатски потег на еврокомесарката за проширување отвори прашања за улогата на опозицијата во реформите.

МАРТА КОС ДОЈДЕ ВО СКОПЈЕ И ГИ ПРЕСКОКНА ФИЛИПЧЕ И АХМЕТИ Брисел испраќа ли порака
Фото: Принтскрин

Посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Северна Македонија предизвика внимание во дипломатските кругови поради невообичаениот протокол и во нејзината агенда не беа вклучени одделни средби со лидерите на парламентарната опозиција.

Според најавената програма, Кос требаше да се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, претставници на Владата, граѓанскиот сектор и младински организации. Сепак, таа не оствари средби со претседателот на СДСМ Венко Филипче и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Искусни дипломати оценуваат дека ваквиот потег отстапува од досегашната практика на еврокомесарите за проширување, кои најчесто одржувале разговори и со власта и со опозицијата, со цел да ја задржат улогата на Европската Унија како неутрален посредник и да ги слушнат ставовите на сите политички чинители.

Дипломатски извори сметаат дека со изборот на средби Брисел испратил одредена порака во период кога се водат разговори за измените на Изборниот законик и прашање кое е дел од реформската агенда поврзана со евроинтеграцискиот процес.

Посетата на Кос се случува во момент кога власта повикува на отворање дијалог за изборните реформи, додека опозицијата инсистира на поширок политички договор. Иако еврокомесарката упати порака за потреба од меѓупартиски консензус, нејзината одлука да нема одделни средби со опозициските лидери отвори различни толкувања во јавноста.

Во европските институции постои став дека изборното законодавство треба да биде производ на широк политички консензус. Дали посетата на Марта Кос претставува директен дипломатски сигнал или само протоколарен избор, останува тема на дебата меѓу политичките и дипломатските кругови во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This