ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА НА МЕЃУНАРОДЕН ОТВОРЕН ПОВИК – 10 јули, КИЦ-Скопје во 21.00 ч
Настанот претставува можност публиката да се сретне со актуелни меѓународни фотографски практики во директен и достапен формат.

Фестивалот Зрно и оваа година ја продолжува својата мисија да создава простор за современа авторска фотографија, експериментални визуелни практики и меѓународна културна размена во Македонија. Во контекст на локална сцена каде ваквите платформи на кое и да е поле се ретки, фестивалот претставува важна точка за поврзување на домашни и странски автори, публика и независни културни иницијативи.
Изложбата на селектираните дваесет автори од Отворениот повик ги обединува различните современи пристапи кон фотографијата и од документарни и интимни серии, до експериментални, концептуални и хибридни визуелни форми.
Селекцијата на дела е направена од осумчлено меѓународно жири:
- ЕВА ШЛЕГЛ (EVA SCHLÖGL) – Виена
- ДРАГО ВЕЈНОВИЌ (DRAGO VEJNOVIĆ) – Бања Лука
- АНЕ-МЕТЕ С. СОМЕР-КЕЛТЕР (ANNE-METTE S. SOMMER -KELTER) – Копенхаген
- ЖОЗЕП ДОМИНГЕЗ КАСТЕЛС (ПЕП МИНГЕЗ) – Барселона
- ИВАНА БРЕЗОВАЦ (IVANA BREZOVAC) – Белград
- ФЛОРИЈАН КОПР (FLORIAN KOPR) – Виена
- НАТАША ТАКАЧ (NATAŠA TAKAČ) – Осијек
- САШО АЛУШЕВСКИ – Скопје
Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот. Селекцијата вклучува автори петнаесетина земји, создавајќи простор за дијалог помеѓу различни визуелни јазици и културни искуства. Особено значајно е што дел од претставените проекти се занимаваат со маргинални простори, локални приказни и теми кои ретко добиваат видливост во институционалниот културен контекст.
Изложбата ја нагласува фотографијата не само како документ, туку и како средство за истражување, лична архива и критичко размислување за современото општество. Покрај изложбената програма, фестивалот продолжува да поттикнува едукација, соработка и активно учество на млади автори и локални заедници.
Настанот претставува можност публиката да се сретне со актуелни меѓународни фотографски практики во директен и достапен формат. Изложбата на Отворениот повик е дел од програмата на Зрно 2026 и ќе биде отворена за посетители во рамки на фестивалот Скопско лето. Програмата на Зрно е делумно поддржана од Министерството за култура и туризам.



