ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПАД НА САД, НОВ ЛИДЕР ВО СВЕТОТ Еве на кое место е Македонија според моќта на пасошот
Објавен е новиот Глобален индекс на пасоши. Шведска го презеде првото место во светот, додека Македонија е рангирана на 78. позиција според слободата на патување, квалитетот на живот и условите за инвестирање.

Објавено е петтото издание на Глобалниот индекс на пасоши (Global Passport Index), кој ги рангира земјите според квалитетот на нивните пасоши, земајќи ги предвид слободата на патување, квалитетот на живот и привлечноста за инвестирање. За разлика од познатиот Henley Passport Index, кој се објавува квартално и се базира исклучиво на бројот на земји во кои може да се патува без виза, годишниот индекс на Global Citizen Solutions користи поширока методологија.
Покрај можноста за безвизно патување, рангирањето ги оценува и условите за инвестирање, како што се даночната политика и конкурентноста на економијата, како и квалитетот на живот преку здравствениот систем, безбедноста и социјалната инфраструктура. Според овогодишниот извештај, Шведска го има најмоќниот пасош во светот. Земјата е 11-та според слободата на патување, деветта според условите за инвестирање и втора според квалитетот на живот, што ѝ го донесе првото место во вкупниот пласман.
На второто место се најде Швајцарија, која истовремено е втора и според привлечноста за инвестиции, додека Финска е трета во генералниот пласман, четврта според слободата на патување и прва според квалитетот на живот. Иако Сингапур е дури на 115. место според квалитетот на живот, благодарение на првото место за безвизно патување и водечката позиција според инвестициската привлечност, се пласираше на десеттото место во вкупниот поредок.
Десетте најмоќни пасоши во светот според Global Citizen Solutions се: Шведска, Швајцарија, Финска, Германија, Холандија, Данска, Ирска, Обединето Кралство, Норвешка и Сингапур.
Една од најголемите промени во овогодишното рангирање е падот на Соединетите Американски Држави, кои од некогашниот врв сега се наоѓаат на 12. место. Според авторите на извештајот, американскиот пасош бележи најголем пад меѓу земјите од Г7 во изминатите пет години.
Од државите од поранешна Југославија, најдобро е рангирана Словенија, која се наоѓа на 37. место. Следува Хрватска на 42. позиција, додека Србија е 66-та, веднаш зад Украина, која е рангирана на 65. место. Пониско на листата се Црна Гора на 71. место, Македонија на 78. место и Босна и Херцеговина на 83. позиција.


