МИЛИОНЕРИ НА СЕКОЈ КОРАК 13% од населението држи 69% од богатството
Швајцарија повторно на врвот на листата на најбогати земји во светот.

Според најновиот извештај на UBS за глобалното богатство за 2026 година, Швајцарија повторно се издвојува како земја со највисоко просечно богатство по возрасен жител во светот. Просечната нето вредност изнесува 910.382 долари. На второ место се наоѓаат Соединетите Американски Држави со 696.277 долари по возрасен, додека Луксембург е трет со 654.732 долари. UBS богатството го дефинира како збир од финансиски и материјални средства, вклучувајќи недвижности, намалени за долговите. Во пресметките се вклучени и средствата од приватните пензиски фондови.
Иако просечните бројки се високи, податоците покажуваат значителна нееднаквост. Во Швајцарија живеат околу 944.000 милионери во долари, што претставува 13,1% од возрасната популација. Тие контролираат приближно 69% од вкупното приватно богатство во земјата. Сликата станува поинаква кога се гледа медијалното богатство, индикатор што ја дели популацијата на две еднакви групи. Според овој показател, Швајцарија е на осмото место во светот со 145.555 долари по возрасен. Највисоко медијално богатство има Луксембург со 394.005 долари, следен од Белгија со 277.166 и Австралија со 210.783 долари.
Податоците на UBS укажуваат дека иако вкупното богатство расте, придобивките не се рамномерно распределени. Од 2000 до 2025 година, просечното богатство по возрасен во Швајцарија пораснало за нешто повеќе од 11% во реални услови, додека медијалното богатство опаднало за речиси 15%. Тоа укажува дека растот најмногу се концентрира кај најбогатите слоеви, додека „обичните“ граѓани не го чувствуваат истиот ефект.
На глобално ниво, приватното богатство пораснало за 10,8% во 2025 година – најбрз раст во последните години. За споредба, растот во 2024 година изнесувал 4,6%, а во 2023 година 4,2%.Најсилен раст е забележан во регионот Европа, Блискиот Исток и Африка со 17,5%, следени од Америка со 8,5% и Азија-Пацифик со 5,9%. UBS дел од овој раст го припишува и на валутните движења, особено слабеењето на американскиот долар.
Бројот на милионери во светот се зголемил за околу 1,5% во 2025 година, односно речиси еден милион луѓе влегле во таа категорија. Според податоците, речиси половина од новите милионери се во САД, каде што над 440.000 луѓе го достигнале статусот милионер. UBS сепак предупредува дека растот на богатството е нерамномерно распределен, при што просечните вредности растат, но медијалните во многу земји стагнираат или опаѓаат. Тоа укажува на продлабочување на јазот меѓу најбогатите и останатата популација.
ПРЕСВРТ НА ФИНАНСИСКАТА МАПА Хонг Конг ѝ ја „украде“ круната на Швајцарија за глобалното богатство


