ПОЛИТИЧКИ ПОТРЕС ВО СДСМ Петровска вели ќе исчезнеме, Филипче реагира и покренува постапка
Од СДСМ најавуваат анализи и можни мерки по случајот со Петровска.

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, во средата присуствуваше на настанот „Разговори за иднината во 12:05“, на кој учествуваа членови на СДСМ од различни генерации, како и граѓански активисти, аналитичари, професори и правници. По реакциите поврзани со нејзиното учество, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партиските органи и тела следната недела ќе расправаат за случајот, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се бара одговорност од Петровска и дали претходно разговарал со неа за нејзините јавни критики кон состојбите во партијата.
Во изминатиот период, Петровска повеќепати јавно укажуваше дека СДСМ мора да претрпи промени, предупредувајќи дека „ако не се промениме, ќе исчезнеме“. На прашање за учеството на новинари, аналитичари и јавни личности кои се критички настроени кон актуелната власт, Филипче одговори дека тие не ги смета за непријатели и дека е отворен за дебата, но нагласи дека политичките несогласувања треба да се решаваат во рамки на партијата.
Тој додаде дека платформата не ја гледа како независна иницијатива, туку како политички проект поврзан со премиерот Христијан Мицкоски.
„Не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата и од идеологијата. Тоа веќе е видено. Станува збор за сличен модел како претходниот проект ЗНАМ, кој постепено пропаѓа. Ист е организаторот и истиот е финансиерот“, изјави Филипче.


