НАФТАТА ПОД 71 ДОЛАР Почеток на нов ценовен пресврт

Сигнали за зголемена конкуренција меѓу производителите од Персискиот Залив.

НАФТАТА ПОД 71 ДОЛАР Почеток на нов ценовен пресврт
Фото: Принтскрин

Цените на нафтата вчера на меѓународните пазари се спуштија под 71 долар за барел, во услови на зголемени очекувања за натпревар меѓу производителите од Персискиот Залив за обезбедување купувачи, како и постепена нормализација на транзитот низ Хормутската Теснина. На лондонскиот пазар барелот беше поевтин за 78 центи во однос на претходното затворање и се тргуваше по 70,79 долари. На американскиот пазар цената се намали за 90 центи и изнесуваше 67,68 долари.

Пазарните движења оваа недела беа под влијание на сигналите за стабилизирање на поморскиот сообраќај низ Хормутската Теснина. Саудиска „Арамко“ минатиот петок го продолжи товарењето во терминалот Рас Танура во Персискиот Залив, додека истовремено се појавија информации за напредок во преговорите меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот.

Според податоци од поморски извори, најмалку пет супертанкери со околу 10 милиони барели нафта веќе испловиле од Рас Танура и ја поминале Ормутската Теснина кон Оманскиот Залив. Дополнително, уште четири VLCC танкери се во близина на пристаништето и три чекаат товарење, а еден веќе е целосно наполнет.

Во меѓувреме, саудискиот нафтен гигант ја следи практиката на другите производители од регионот кои веќе почнаа со испораки преку Ормут и ги намалија цените за јули и август, по проценките дека побарувачката во дел од рафинериите е веќе обезбедена за наредниот период.

Од „Арамко“ наводно е испратен сигнал до азиските купувачи за поголема ценовна флексибилност и прилагодување кон краткорочната побарувачка, што укажува на засилена конкуренција меѓу добавувачите. Трговците очекуваат официјалната цена за август да биде значително намалена, а според проценки од нафтениот сектор, намалувањето би можело да се движи меѓу 6,50 и 8,80 долари, покажуваат анкетите на „Ројтерс“.

ПАД НА ЦЕНАТА НА НАФТАТА Црното злато падна на најниско ниво од февруари

CATEGORIES
Share This