АМСМ СО ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ Од понеделник се менува сообраќајот, проверете дали минувате по оваа делница
Санација на мост на реката Брегалница, без подолги чекања на границите, а во сила остануваат и летните ограничувања за тешките товарни возила.

АМСМ информира дека од понеделник, 6 јули, ќе започне времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип. Изменетиот режим ќе важи сè до завршување на градежните работи.
Според најновите информации, сообраќајот на државните патишта низ земјава во моментов се одвива непречено и по претежно суви коловози, додека интензитетот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде постои опасност од одрони. Тоа се однесува пред сè на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила останува и летниот режим за движење на тешките товарни возила. До 31 август е забрането движење на камиони потешки од 15 тони во определени термини за време на викендите, како и во денови со екстремно високи температури. Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид важат посебни ограничувања за товарни возила над 7,5 тони со цел да се намалат метежите во туристичката сезона.
Во меѓувреме, продолжуваат повеќе инфраструктурни зафати на државната патна мрежа, меѓу кои санација на мостови на делницата Гостивар – Стража, работи на мостовите кај Желино, активности на автопатот Смоквица – Гевгелија, рехабилитација на дел од скопската обиколница, санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост, како и времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола поради изградбата на Коридорот 10Д. Возачите се повикуваат да ја следат поставената сигнализација и навреме да ја планираат својата маршрута.


