ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, среда, 01 јули 2026 година.

Политички преглед на денот, недела 28 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Паниката и стравот од пораз ги обедини СДС и Левица против Изборниот законик
СДС и Левица уште еднаш покажаа дека кога треба да избираат меѓу државниот и партискиот интерес, секогаш го избираат партискиот. Паниката и стравот од пораз ги обедини СДС и Левица против Изборниот законик. Со месеци учествуваа во изработката на Изборниот законик, даваа предлози, а ВМРО-ДПМНЕ ги прифати речиси сите нивни забелешки. Единственото барање на кое инсистиравме беше македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори. Тоа прво го прифатија, а сега токму поради тоа го блокираат Законот.
Очигледно е дека на СДС и Левица им пречат реформите, напредокот и секој успех на Македонија. СДС и Левица треба да знаат дека овој Изборен законик не е партиски документ. Тој е дел од Реформската агенда, усогласуван со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и е важен чекор кон исполнување на обврските што државата ги има преземено. Затоа е неразбирливо зошто СДС и Левица денес го блокираат токму она што вчера го договараа. Единствениот логичен одговор е дека политичката пресметка им стана поважна од интересите на државата.
Ги повикуваме да престанат со политичките игри, да ги повлечат амандманите кои служат само за опструкција и заеднички да го донесеме Изборниот законик во интерес на граѓаните и на европската иднина на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи државата да биде заложник на политички калкулации. Ќе продолжиме да работиме одговорно, да ги спроведуваме реформите и да ги штитиме интересите на сите граѓани, вклучително и на македонската дијаспора, која заслужува еднакво и современо право на глас.
СДСМ: Нема да дозволиме изборен грабеж, ќе го блокираме Изборниот законик во ваква форма
СДСМ нема да дозволи носење на Изборниот законик во форма што отвора сериозни сомнежи за злоупотреби, нерегуларности и нарушување на легитимноста на изборниот процес, и партијата ќе го блокира законот. Токму овој начин на гласање на дијаспората, кој што го предлага Христијан Мицкоски да се имплементира кај нас, не е ниту европски, не е ниту демократски. Оваа измена на закон, со која што се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе, отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе“.
Станува збор за предлог што доаѓа од партија со сериозен товар од минатото во однос на изборните процеси. Да ја потсетиме јавноста дека овој ваков закон го предлага партија и тоа како добро позната по злоупотреби на изборниот процес. Зошто да ја изложиме државата на ризик? Ден, два или на самиот ден на гласањето таквиот електронски систем да биде хакиран. Како ние тогаш ќе можеме да бидеме сигурни дека имаме легитимни избори. На сите овие суштински забелешки Мицкоски нема одговор, туку само инсистирање спорниот член да остане во законот.
Ова се конкретни забелешки, а премиерот нема конкретен одговор на овие забелешки, освен дека инсистира оваа одредба, оваа промена на овој член во Изборниот закон да остане и така да се донесе во Собранието. Поради сите овие причини, ние овој закон ќе го блокираме и амандманите ќе бидат поднесени на денешната закажана комисија во Собранието.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: 700 ЕВРА НАСПРОТИ МИЛИОНИ Единствена Македонија тврди дека новите изборни правила ги бришат вонпарламентарните партии
Партијата Единствена Македонија реагира на предложените измени на Изборниот законик со кои, според нив, се воведуваат дискриминаторски правила во делот на државното финансирање на политичките субјекти за време на изборната кампања.
Од партијата оценуваат дека новите решенија нема да обезбедат фер изборен процес, бидејќи, како што наведуваат, вонпарламентарните партии недозволиво и противуставно се ставаат во иста категорија со независните листи, иако станува збор за различни учесници на изборите според законската регулатива.
Со ваквиот пристап, де факто се укинуваат вонпарламентарните партии, бидејќи се изедначуваат со независните листи, велат од Единствена Македонија.
Партијата посочува дека според постојната законска формула за дваесетдневната изборна кампања, одредени политички партии добиваат значително поголеми средства за изборно рекламирање. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН добиваат за рекламирање околу 3,2 милиони евра, додека Левица и ЗНАМ би добиле околу 300 илјади евра. Останатите парламентарни партии без пратеничка група би добиле околу 200 илјади евра, а вонпарламентарните партии, кои се ставени во група со независните листи, само околу 42 илјади денари, односно приближно 700 евра.
Како може да се зборува за фер избори кога најважниот сегмент од кампањата – изборното рекламирање и можноста учесниците да се претстават пред гласачите е поставен на крајно нерамноправни основи, прашуваат од партијата.
Од Единствена Македонија оценуваат дека изборите може да се оценуваат само според тоа дали се спроведени во согласност со законите, но дека со вакви правила не може да се зборува за вистински фер изборен процес. Партијата повикува на разумни изборни правила и обезбедување еднакви услови за сите учесници, нагласувајќи дека станува збор за средства од државниот буџет.
Или државните пари треба да бидат достапни за сите учесници под еднакви услови, или да не бидат достапни за никого, порачаа од Единствена Македонија.
Доколку пратениците ги изгласат ваквите недозволиви, противуставни и антидемократски изборни правила со кои де факто се укинуваат вомпарламентраните партии, тогаш Единствена Македонија ќе го оспори законот пред Уставниот суд а истовремено ќе ги запознае релевантните меѓународни претставници за дискриманторскиот Изборен законик.


