ЕДЕН ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ПЕХАРОТ Французите ја прегазија Шведска, Мексиканците ја прекинаа 40-годишната агонија
Французите ја декласираа Шведска со 3:0, додека Мексико конечно ја прекина долгата низа разочарувања во нокаут фазата.

Француската фудбалска репрезентација испрати силна порака до ривалите на Светското првенство. Еден од главните фаворити за трофејот ја совлада Шведска со убедливи 3:0 и без поголеми проблеми обезбеди пласман во осминафиналето. Французите целосно ја контролираа играта, а доминацијата ја крунисаа во финишот од првото полувреме. Килијан Мбапе во 45-тата минута го постигна првиот гол и го отвори патот кон убедливата победа.
Само осум минути по стартот на вториот дел, Бредли Баркола зголеми на 2:0, по што беше јасно дека Шведска тешко може да се врати во натпреварот. Конечниот резултат го постави Мбапе во 74-тата минута со својот втор погодок на мечот. Франција во осминафиналето ќе се соочи со најголемото изненадување на турнирот Парагвај, кој претходно успеа да ја елиминира Германија.
Со двата гола против Шведска, Мбапе стигна до шест погодоци на овој Мундијал и се израмни со Лионел Меси на листата на најдобри стрелци. Во историската листа на стрелци на светските првенства, Меси има 19 гола, додека француската ѕвезда сега е само еден погодок зад него.
Во другиот натпревар, мексиканската репрезентација обезбеди место меѓу 16-те најдобри селекции на Светското првенство по победата над Еквадор со 2:0 пред своите навивачи во Мексико Сити. Со овој триумф, Мексико конечно стави крај на долгата низа неуспеси во нокаут фазата. Последен пат оваа селекција славеше во првиот елиминациски натпревар на Мундијалите во 1986 година, кога стигна до четвртфиналето. Потоа следуваа седум последователни елиминации уште во првата нокаут рунда.
Мексиканците на овој турнир прикажуваат одлична форма. Во групната фаза остварија три победи против Јужна Африка (2:0), Јужна Кореја (1:0) и Чешка (3:0), додека Еквадор до осминафиналето стигна како третопласиран во својата група. Натпреварот во Мексико Сити започна со едночасовно доцнење поради силно невреме, но штом условите дозволија, домаќинот веднаш ја презеде контролата.
Мексико поведе во 22-рата минута преку Хулијан Кињонес, кој по асистенција од Роберто Алварадо реализираше за 1:0. Само девет минути подоцна, предноста беше удвоена. По грешка на одбраната на Еквадор, Раул Хименез со одличен удар од работ на шеснаесетникот ја погоди мрежата за 2:0. Во продолжението Мексико остана подобар противник и беше поблиску до трет погодок, отколку Еквадор до враќање во игра. Дополнителен проблем за Еквадор беше црвениот картон за Педро Хинкапие во 90-тата минута. По реакција на ВАР, словенечкиот судија Славко Винчиќ го исклучи дефанзивецот поради несоодветно однесување.
Историски момент на натпреварот имаше и младиот Гилберто Мора, кој со 17 години и 259 дена стана вториот најмлад фудбалер во историјата на Светските првенства кој стартувал во нокаут фазата. Пред него останува само легендарниот Пеле, кој тоа го направи во 1958 година на возраст од 17 години и 239 дена. Мексико во осминафиналето ќе го очекува победникот од дуелот меѓу Англија и Демократска Република Конго.


