ВОЗАЧИТЕ ЌЕ СЕ ИЗНЕНАДАТ УТРЕ Нови цени на горивата во Македонија
Од полноќ стапуваат на сила новите максимални цени на нафтените деривати

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 0,27 отсто во однос на претходната одлука донесена на 22 јуни 2026 година.
Според РКЕ, промените се резултат на движењата на светските берзи, каде референтните цени на нафтените деривати бележат намалување. Бензините се поевтини за 0,243 отсто, дизелот за 2,183 отсто, екстра лесното масло за 1,907 отсто, додека кај мазутот е забележано намалување од 4,388 отсто.
Иако цените на светскиот пазар се намалени, влијание имаше и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во изминатиот период е повисок за 1,5132 отсто во споредба со претходната пресметка.
Од 00:01 часот на 30 јуни 2026 година, максималните малопродажни цени ќе бидат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 84,50 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 86,50 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 80,00 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 79,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС: 41,495 денари за килограм
Дизел горивото поевтинува за 0,50 денари за литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 0,50 денари за литар. Цената на екстра лесното масло останува непроменета, а мазутот се намалува за 0,796 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците можат да ги определат малопродажните цени и пониско од утврдените граници.


