НАД 2.800 ЛУЃЕ ЈА ФАТИЈА ШАНСАТА Државата дава до 20.000 евра за нов бизнис
Над 2.800 апликации пристигнаа за само една недела, а годинава за мерката се обезбедени 22,3 милиони евра за отворање нови бизниси.

Голем интерес кај невработените лица предизвикаа трите јавни повици од мерката „Претприемништво – Самовработување со грант“, дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година.
Од Министерството за економија и труд информираат дека во изминатата недела пристигнале повеќе од 2.800 апликации за користење на оваа мерка.
Во рамки на информативните денови што денеска се одржуваат во Ресен, Охрид и Кичево, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, заменик-директорката на Агенцијата за вработување и претставници од Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) ги презентираа можностите што ги нуди мерката, како и деталите за активните јавни повици.
За програмата „Самовработување со грант“ годинава се обезбедени 1,37 милијарди денари, односно околу 22,3 милиони евра. Со овие средства се очекува поддршка за 2.043 лица кои ќе добијат можност да започнат сопствен бизнис, што претставува зголемување за 313 корисници во споредба со минатата година.
Мерката е поделена во три категории. За младите до 29 години е предвиден грант до 10.000 евра, за лицата над 29 години до 7.000 евра, додека преку здружување во друштво со ограничена одговорност (ДОО) поддршката изнесува од 14.000 до 20.000 евра.
Новина оваа година е условот кандидатите да имаат најмалку завршено средно образование, како и можноста повратниците од странство да аплицираат и да ги користат средствата за започнување сопствен бизнис.
Заинтересираните невработени лица можат да добијат дополнителни информации во работните клубови на 30-те центри за вработување на Агенцијата за вработување, преку контакт центарот 02/3111-850 или на интернет-страницата на Агенцијата.
Јавните повици се отворени до 3 јули 2026 година.


